Реновирањето на „Сантијаго Бернабе“ ќе чини околу 600 милиони евра, треба да почне наскоро и да биде завршено за четири години, а процените се дека заработката на клубот ќе се зголеми за околу 180 милиони евра годишно

Реал Мадрид на пригодната церемонија го претстави изгледот на новиот футуристички фудбалски стадион „Сантијаго Бернабе“ чие реновирање треба да почне наскоро и да биде завршено за четири години. Претседателот на „кралскиот клуб“, Флорентино Перез на презентацијата рече дека тоа ќе биде „најубавиот стадион на светот“, кој ќе има подвижен покрив, најмодерен софистициран ротирачки семафор (360 степени), е-спорт арена, како и најсовремени електронски помагала за проекција на ТВ-снимки на надворешната површина на стадионот, кој ќе има титаниумска фасада.

Капацитетот на стадионот ќе остане како и досега, со 81.000 седишта. Реал и во периодот на реконструкцијата ќе игра на стадионот, кој ќе биде дел од простор од 66.000 квадратни метри на кој ќе има хотел, места за одмор и за забава, мини-трговски центар, музеј, клупска продавница итн.

– Накратко, сакаме да имаме најсовремен дигитален стадион на иднината. Тој се наоѓа во срцето на Мадрид и ќе биде најдобриот стадион во светот. Се соочуваме со еден од најголемите предизвици за иднината на Реал и, се разбира, за градот Мадрид – рече Перез.

Стадионот, кој го носи името на легендарниот претседател, Сантијано Бернабе (од 1943 до 1978 година), е изграден во 1942 година. Последното покрупно реновирање го имаше во 1982-та, за Светското првенство (СП) што таа година се одржа во Шпанија, а потоа и во 2001-та. Во 50-тите години од минатиот век стадионот собираше и до 120.000 гледачи, а рекордот од 129.690 гледачи беше поставен на полуфиналниот натпревар Реал – Милан во Купот на шампионите во 1956 година.

Реновирањето на стадионот ќе чини околу 600 милиони евра, а процените се дека заработката на клубот ќе се зголеми за околу 180 милиони евра годишно. За дизајнот на новиот стадион се погрижи германската фирма „Геркан, Марг и партнерите“, која е позната по тоа што работеше на дизајните на стадионите за последните три СП, како и на реконструкцијата на стадионот во Варшава каде што се играше финалето на ЕП 2012-та.

Реал беше првак на Европа во минатите три години, и е најтрофеен со 13 титули, но годинава беше елиминиран во осминафиналето од Ајакс. Неодамна на тренерската позиција повторно се врати Зинедин Зидан, но Реал сезонава најверојатно ќе остане без трофеј, бидејќи беше елиминиран и во „кралскиот куп“, а во моментов е трет во Ла лига, со 12 поени помалку од лидерот Барселона. 


Новите стадиони чинат вистинско богатство, но брзо се исплаќаат

Стадионите, не само фудбалските, се скапа инвестиција, но се извор на големи приходи за клубовите, па затоа последниве години сѐ повеќе се градат или се реновираат. Англискиот премиерлигаш Тотенхем синоќа со натпреварот против Кристал Палас официјално го отвори новиот стадион во Лондон, кој засега нема име. Изградбата на стадионот, кој е еден од најмодерните, не само во Англија, туку и во светот, чинеше 1,2 милијарда евра.
Покрај стадионите на Реал и на Тотенхем, има уште неколку слични, скапи и супермодерни што треба да се споменат. Новиот стадион на Њујорк јенкис изграден пред 10 години на истата локација на која беше и стариот и на него настапува истоимениот бејзбол-клуб, како и фудбалскиот клуб Њујорк сити. Тој е со капацитет од 54.000 места и за неговата изградба беа потрошени 2,3 милијарди долари. Стадионот „Мерцедес – Бенц“ во Атланта, на кој настапуваа фудбалерите на Атланта јунајтед беше пуштен во употреба во 2017 година и чинеше 1,6 милијарда долари. Новиот „Вембли“ во Лондон беше завршен во 2007-та и чинеше 1,2 милијарда долари. Нешто помалку, 1,1 милијарда долари потрошија Русите за стадионот „Крестовски“ во Санкт Петербург. Помалку од една милијарда долари (900 милиони) потрошија Бразилците на националниот стадион „Мане Гаринча“ во Бразилија, првично изграден во 1973, а комплетно реновиран за СП 2014-та.