Себастијан Курц, Доналд Туск и Бојко Борисов

Австрија, која од вчера претседава со Советот на ЕУ, сака да го задржи фокусот на бугарското претседателство кон земјите од Западен Балкан, но повисоко на листата на приоритети, сепак, ќе ѝ бидат миграциите и прашањата за безбедноста и конкурентноста на ЕУ, како и мошне чувствителните прашања поврзани со брегзит и со буџетот на Унијата

Австриската амбасадорка во Македонија, Ренате Коблер, пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да ги презентира програмата и приоритетите за работата на австриското претседателството со Советот на Европската Унија, кое почна вчера и ќе трае до декември 2018 година. Австрија, како што е најавено, сака да го задржи фокусот на бугарското претседателство кон земјите од Западен Балкан што, според упатените, ѝ оди во прилог на Македонија, која пред неколку дена од Советот на министрите на ЕУ доби прецизна временска рамка за почеток на преговорите што, доколку бидат исполнети потребните услови, ќе почнат во јуни 2019 година. Официјалните подготовки треба да почнат со процена на македонските институции, кон средината на јули, со посетата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Сепак, во текот на шестмесечното претседавање на Австрија со ЕУ, под мотото „Европа, која штити“, пред натамошното приближување на земјите од Западен Балкан кон Унијата, приоритет ќе имаат миграциите и прашањата за безбедноста и конкурентноста на ЕУ, како и мошне чувствителните прашања поврзани со брегзит и со буџетот на Унијата.

Аналитичарите проценуваат дека ќе биде тешко администрацијата на канцеларот Себастијан Курц да постигне конкретни резултати во однос на посочените приоритети, делумно поради почетокот на кампањата за европските избори следната година, како и поради застојот во преговорите за брегзит.
Но Австрија, како што беше соопштено, нема да ја запостави интеграцијата на Западен Балкан во Унијата.
– Овој регион е дел од Европа по прашањата за економската и безбедносната политика, а се покажа како сигурен партнер за време на миграциската криза – соопшти администрација од Виена.
Соопштението дојде откако бугарскиот премиер Бојко Борисов, австрискиот канцелар Себастијан Курц и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск се сретнаа во австриското туристичко место Шладминг, каде што се одржа симболична церемонија за предавање на претседавањето од Бугарија на Австрија. Во фокусот на разговорите беа резултатите постигнати за време на бугарското претседавање со ЕУ и приоритетите на Европскиот совет во следните шест месеци, по кои ќе работи австриското претседателство.

– Давањето јасна порака за почеток на претпристапни преговори со Македонија и Албанија за членство во ЕУ ги постави основите за перспективата на целиот регион – истакна бугарскиот премиер Борисов, нагласувајќи дека средбата на врвот за Западен Балкан во мај во Софија одиграла многу важна улога во тој процес.
Австрија третпат претседава со Унијата. Првиот пат тоа беше во 1998, а потоа и во 2006 година. Трошоците за претседавањето се проценуваат на околу 43 милиони евра, а медиумите шпекулираат дека би можеле да бидат и двојно поголеми. Во текот на сегашното претседавање предвидени се околу 300 собири во Австрија, меѓу кои и 13 неофицијални совети. Канцеларот Курц веќе утре би требало да се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур, а на 5 и 6 јули еврокомесарите ќе допатуваат во посета на Виена. 


За две недели ќе биде познат македонскиот тим за преговори со ЕУ

До 17 јули Македонија треба да го формира преговарачкиот тим со ЕУ, кој ќе има политички и технички преговарач, најави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Имајќи предвид колку долго Македонија ја очекуваше оваа одлука за датум за почеток на преговорите, според Османи, администрацијата е подготвена да одговори на преговорите. Но, сепак, тој посочува дека не смета дека сме апсолутно подготвени и дека станува збор за многу скап процес.
– До 17 јули, кога се лансира скринингот, ние веќе треба да имаме имиња. Се работи за главен политички преговарач и за технички преговарач. Во делот на политичкото преговарање Секретаријатот за европски прашања (СЕП) останува главен координатор на целиот тој процес, кој во техничкиот дел ќе ја координира работата ќе одлучиме во наредните денови – рече Османи.
Политичкиот преговарач ќе ги координира министерствата, а техничкиот преговарач работните групи. Наредните денови СЕП ќе ја соопшти целата структура на преговарање.