Честите осцилации на температурите доведуваат до тоа да се јави таканаречениот пролетен замор, кој е особено изразен кај метереопатите и кај хронично болните
Сѐ повеќе граѓани, стари, но и млади, деновиве се жалат на честа појава на вртоглавици, а некои од нив, исплашени за своето здравје, спасот го бараат во посета на доктор.
Пролетта и честите промени на времето понекогаш лошо влијаат врз организмот. Телото е уморно, му недостигаат витамини, па така и сите здравствени проблеми се засилуваат. Проблеми можат да се јават дури и кај сосема здравите луѓе, со непријатно чувство на тетеравење, како и на чувство на пропаѓање и појава на момент на губење на ориентацијата. Вртоглавицата може да биде минлива, но понекогаш може да биде индикатор на некоја посериозна болест, па затоа претпазливоста никогаш не пречи.
Кога има висок воздушен притисок, доаѓа до зголемување и на крвниот притисок, но луѓето можат да почувствуваат вртоглавица и кога ќе им падне притисокот.
– Неколку дена по ред чувствувам вртоглавици и тоа во повеќе периоди од денот.
И наутро кога ќе станам, но и преку ден, кога излегувам надвор. Последниве денови навечер ми се јавува и засилено срцебиење, што ме исплаши, па морав да посетам лекар – вели Мартин Николовски, студент.
Тој додава дека направил крвна слика и други прегледи, но дека резултатите му биле добри и дека според она што му го кажал матичниот лекар, најверојатно станува збор за појава што е иницирана од наглите временски промени, кои се одразуваат и врз здравјето на луѓето. Сепак, лекарот му препорачал ако продолжат вртоглавиците, да направи дополнителни прегледи.
Вртоглавицата обично е проследена со бледило, засилено потење, чувство на топлина, мачнина и повраќање. Истовремено, човекот може да почувствува страв и паника.
Може да трае од неколку секунди, до неколку часа, па дури и по неколку дена. Постојаното повторување на нападите на вртоглавица толку го исцрпува човекот, што тој целосно ја губи работната способност.
Од Здравствениот дом – Скопје велат дека во пролетниот период не е невообичаено да се јавува вртоглавица кај дел од граѓаните, но дека засега пријавите со вакви симптоми се во рамките на нормалното.
– Најчесто кога има промена на временските услови се јавуваат промени и на хормоналниот статус, како и на имунолошкиот систем. Сето тоа предизвикува реакции на организмот, како вртоглавици, замор, малаксаност – вели Злате Мехмедовиќ, менаџер на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје.
Тој додава дека честите осцилации на температурите доведуваат до тоа да се јави таканаречениот пролетен замор, кој е особено изразен кај метереопатите и кај хронично болните.
– Ваквите појави особено може да доведат до влошување на состојбата кај хроничните болни, па потребно е кај нив понекогаш и да се промени дозата на лекови што ја примаат – нагласува Мехмедовиќ.
Според него, во овој период е потребно да се обрне внимание на исхраната, односно да нема нагло преминување од зимска кон летна исхрана.
– Потребно е да се јаде храна богата со железо, месо, јајца, како и лиснат зеленчук, но и јаткасти плодови. Покрај тоа, во исхраната треба да бидат вклучени и јаглехидратите – вели Мехмедовиќ, притоа додавајќи дека токму ваквиот благ премин во исхраната ќе ги намали причините што би можеле да доведат до малаксаност и вртоглавици.