Овој отворен партиципативен уметнички проект е конципиран како епизоди од престојувања од различни временски траења, кои се случуваат надвор од институционалниот апарат, на локации во Македонија и во регионот, како: акции, перформанси, видеодела, фотографии, просторни интервенции
Натали Рајчиновска Павлеска
„Патем 365“ претставува новo поглавје на концептуалната практика, кое може да се идентификува како проект на група автори: Весна Дунимаглоска, Ѓорѓи Крстески и Станко Павлески, кој приоѓа кон современоста на истражувањето на креативниот потенцијал во рамките на уметничкиот дискурс преку телеолошки принцип, со однапред поставени цели, а патува низ неодреденоста на различни избрани места и променливи контексти. Овој отворен партиципативен уметнички проект е конципиран како епизоди од престојувања од различни временски траења, кои се случуваат надвор од институционалниот апарат, на локации во Македонија и во регионот, како: акции, перформанси, видеодела, фотографии, просторни интервенции и вклучува партиципација на избрани автори од различни области: Владимир Фрелих и Ана Петровиќ (Хрватска), Иванка Апостолова, Златица Илин, Стојан Павлески, Ирена Паскали, Христиан Петковиќ, Александра Петрушевска, Стефчо Стефанов, Иванчо Талевски (САД), Дамјан Ѓуров.
„Патем“ како витална и жива уметност е конструирана преку 13 точки за проектноста меѓу кои создавањето се одредува на специфични локации, во материјална и нематеријална појавност, некогаш тематизирано, генерирајќи интерес за идејност. Изложбите одржани во галерија „Житњак“ во Загреб (2015/2016 г.) и во библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија (2017 г.) го заокружија уметничкото патување во изминатиот период, преку изложба на селектирани документирани видеа од настаните, авторски видеодела, акции, перформанси, инсталации, фотоинсталации, звучна инсталација, скулптура, цртежи, фотоцртежи и авторски расказ во контекст на визуелното.
„Читањето на Тисовина“ е перформанс изведен во форма на видеопремиера во галеријата МЦ во јули 2017 г. во Њујорк, кој се состои од читање на „книгата патем 365“ и видеоматеријал. Овој перформанс ја има предвид мултислојната структура на книгата, која само по себе претставува автономно дело, кое прочитано добива нова форма на „исчитана уметност“ како главна, но не и основна карактеристика. Овој перформанс ќе биде изведен на годинашната „Бела ноќ“ во МКЦ во октомври годинава, дополнет со документарни видеа од тековниот проект на групата „Радиус на кривината“, кој е во подготовка за претставување во галерија „Чарлама“ во Сараево. Изложбата ќе опфати три сегменти: документирано видео од патувањата, патем библиотека (концепт на собирање книги од колеги и музеи, попатно се посетени) и презентација во електронска форма.
Обмислувајќи географски одредишта, преку воздушен пресек на три точки од една дијагонала, одредени како општи места за иницијација, а несекојдневни за вообичената урбаност на живеењето, друштвото постави најниска точка, 44 м, каде што реката Вардар ја напушта територијата на Македонија на местото Бент, Гевгелиско, потоа на највисоката точка 2.764 м, на планинскиот врв Голем Кораб, и конечно во средиштето на оваа дијагонала помеѓу најниската и највисоката надморска точка во Дреновци (732 м), Прилепско. Таа средишна точка претставува нужност во замена за онаа на самата воздушна дијагонала, како императивна цел, иако недофатлива за природата на човекот. Во такво создадено поле на насетувања на креативни допири и решенија на повеќе автономни состојби и појави, се згуснува просторот за размисли за сликата на изразливото и за палетата на алатки, материјали и средства за реализација. Севкупниот чин претставува процес на себеистражување на уметниците во создадени услови/неуслови, како обратен процес од продукција кон производ, кон постоење на уметноста и во уметноста сама за себе. Фокусот е ставен на исказот (лични придобивки и искуства), дејствување или битисување во кое се ослободува сопствената енергија, преку кое се премостува визуелниот говор. Заедничка нишка на авторите е дофат на дострелот на мислата, логичниот суд, творечката сила, повисока духовна свест, поимање и проширено наоѓалиште на мислењето.
Преку впишување на својата мисла во водата (Павлески), во материјата неопходна за живот, оставајќи ја авторската појавност зад себе и водејќи се кон расчленување на создавачкиот капацитет кон редуктивна продукција, преку создавање на тој начин на „сакрамент“ (Крстески) во отворена релација со поезијата, и преку користење на телото како инскриптивна површина (Дунимаглоска), евидентен е обидот на авторите за достигнување на нулта точка во временскиот оптимум.
Дијалогот на авторот (Павлески) со книжевниот модел на концептуализирање на мислата и отворената критичка мисла упатена кон критиката како форма на медијален дискурс е започнат рано во почетокот на минатата деценија, како пролог на актуелните авторски појави и реторики во неговото творештво денес. „Ненапишаната книга до посредувачот“ (2002) и потоа „Книга над кориците“ (2004), говорат за тоа дека авторот, иако ги поставува овие две дела – книги во рамките на поширока проектна концепција, тие сами за себе претставуваат непретенциозен опфат во историзирање и широк поглед на уметничките случувања и проекција на ликовната критика и полемики низ периодиките во половина век. Преку ваков концепт на ликовно дело, скулптурирано во својата излезна форма (вградено на постамент), се потврди проникливоста на авторот низ истражувачките процеси и постапки (ликовни, литературни, книжни), оставајќи доволно простор и отвореност кон проблемите што се внатре, но и надвор од кориците на овие книги – дела, во неговиот претходен концептуален опус. „Искуството како едно од убиствените работи во животот ја скратува слободата“, вели Павлески, и токму затоа личниот влог за одново создавање и раѓање со уметноста, која претендира да произлезе во нова форма, е исклучително голем.
Употребувајќи го телото како медиум за трансмисија, пак, авторката Весна Дунимаглоска допира до теми што го разгледуваат односот на единката и системот во целина како друштвено-социолошки феномен, а изникнувајќи од постојаната меѓусебна привлечност на телесноста и системската целина што го ресорбира постојано. Барајќи на тој начин рамнотежа на поединецот и системот, индивидуален и институционален, произлегува ритуална форма на лабораторија во друштво „Блу блад бејби“, допирајќи до биолошкото и физичкото на начин што вклучува форми на процесуални перформанси, каде што се ослободува егзистенцијален нагон, акумулиран од непредвидливи релации на единката (уметникот) во систем на група. Во видеопредлогот „Хипоксија хипертензија“ (2016 г.) – документиран материјал од перформанс, Дунимаглоска ја разгледува психофизичката изместеност и адаптацијата на променети односи на телесните содржини, од реален и сугестивен фактор, одржана на локации на голема надморска висина, ниски температури и други временски феномени. Дунимаглоска на таков начин постојано ја преиспитува релацијата на простор, време, празнина и смисла на телесното и духовното.
Авторот Ѓорѓи Крстески, пак, ги создава „Мезанин π“ – поетски видеоперформанси реализирани на четири локации низ Македонија во форма на збирка поезија, изведена и аудио и видеодокументирана. Создавајќи на ваков начин сакрамент, концептот на Крстески носи во себе скриени семантики, скриена мисловност, која преку зборот како приказна за јазикот директно се положува пред фокусот на исказот.
„Патем 365“ како сублимат на животно искуство на група автори и висока концептуална практика, која одговара на сопствениот референтен систем, продолжува да патува одново собирајќи нови искуства што се базираат на концептот за проникнување во суштината.