Основната идеја на сето ова е токму на одбраниот простор да има што повеќе риби, нивна поголема активност во водата и, секако, притоа да се хранат од понудата која им е фрлена од рибарот

Одбирањето место каде што рибарот ќе фаќа риби е мошне значајно, а во многу случаи може да се покаже и како пресудно. Не се работи само добро да се подготви прихраната за рибите и нивните мамки, туку треба да се обрне внимание и каде ќе се пласира сето тоа, на кој воден простор.
Токму затоа рибарот треба добро да го познава теренот каде што сака да оди, оти хранилиштето треба и да го направи таму каде што теренот за риболов е релативно почист. Хранилиштето треба да го прави на места кои не се со големи длабочини. На пример, крапот многу ретко се лови на 15, 20 или повеќе метри. Затоа треба да се бара место кое е длабоко од 3 до 10 метри и тука да се подготви хранилиштето.

Исто така, значајно е рибарот да се обиде да ја пласира рибната храна на она место каде што смета дека рибите почесто се движат. Ова, секако, не е лесно да се одреди, но со активно следење рибарот може да ги собере потребните информации и со тоа да донесе исправна одлука каде ќе ја фрла храната за рибите и потоа ќе риболови.

Ако рибарот сака да лови риба неколку дена, тогаш ќе треба да фрла храна за рибите уште од првиот ден и да очекува дека можеби во вториот или во третиот ден ќе го почувствува ударот на неговиот риболовен стап од рибите. Ако, пак, сака да престојува уште подолго на риболовниот терен, тогаш има поголема можност подобро да го подготви хранилиштето за риби. Но искуствата велат дека тоа е најдобро да го стори постепено, во повеќе наврати, односно со недели, па и со месеци, во кои ќе пласира одредени количества храна.

Некои рибари храната ја пласираат на куп, други прават одредени форми на хранилиштето, трети создаваат по две, па и три хранилишта, постои и мало хранилиште, но се прави и голем тепих под вода. Доколку се прават две одделни хранилишта на релативно мало растојание, тоа е најчесто поради идејата да се пласираат две различни ароми или две различни мамки.

Основната идеја на сето ова е токму на одбраниот простор да има што повеќе риби, нивна поголема активност во водата и, секако, притоа да се хранат од понудата која им е фрлена од рибарот.


Еколошката свест и љубов кон природата

Голем број диви и неуредени депонии може да се сретнат и во ловиштата, најчесто во близина на планинските реки, потоци и несредени канали, каде што практично нема соодветен простор за складирање на отпадот.
Во планинските ловишта, топењето на големите количества снег доведува до излевање на планинските реки и потоци, а кои поминуваат покрај дивите и неуредени депонии. Притоа, големите количества смет, пластична и алуминиумска амбалажа, завршуваат токму во ловиштата низ кои поминуваат реки од дивите депонии и со тоа предизвикуваат еколошки хаос на тие ловни терени.
Ловџиите во вакви случаи треба да се покажат во вистинско светло, односно со сопствено иницијативно залагање да тргнат во отстранување на последиците таму каде што е најкритично, односно таму каде што и најмногу дошло до излевање на отпадниот материјал и со тоа да придонесат во побрзото санирање од поголеми штети. Со самото тоа тие ќе помогнат и во опстанокот на многубројниот и разновиден дивеч што се движи на тие простори.
Со собирањето на различниот отпад во ловиштата, едноставно, ловџиите ќе покажат колку се во нив присутни еколошката свест и љубовта кон природата во која често престојуваат при ловот на разновидниот дивеч.