Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја пресели амбасадата во Ерусалим, и тоа на денот на одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на Израел, предизвика остри критики кај меѓународната заедница. И додека Москва го обвини за разгорување на тензиите на Блискиот Исток, Анкара ги обвини САД дека ги игнорираат правото и правдата
Најмалку 20 Палестинци се убиени, а над петстотини се ранети во судирите со израелските безбедносни сили во Газа, за време на големите протести против преселувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Илјадници палестински демонстранти протестираа на границите на палестинските територии со Израел. Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја пресели амбасадата во Ерусалим, и тоа на денот на одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на Израел, предизвика остри критики кај меѓународната заедница. И додека Москва го обвини за разгорување на тензиите на Блискиот Исток, Анкара ги обвини САД дека ги игнорираат правото и правдата, игнорирајќи ја меѓународната заедница, пренесуваат светските медиуми.
На свеченото отворање на амбасадата во Ерусалим, како што беше најавено, требаше да присуствуваат Иванка Трамп, ќерката на Трамп, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, кој е советник во Белата куќа. Покрај нив, САД беа претставени и од помошникот државен секретар Џон Саливан. Трамп претходно неколку пати изјави дека би сакал да присуствува на настанот, но подоцна беше соопштено дека тој нема да замине во Ерусалим. Дипломатската мисија, што досега беше во Тел Авив, е преместена во Ерусалим во согласност со одлуката на американскиот претседател да го признае градот како главен град на Израел.
Американски владини претставници најавија дека на почетокот персоналот во дипломатската мисија ќе брои најмалку 50 лица. Тој ќе вклучува соработници на амбасадорот Дејвид Фридман и на американските конзуларни службеници, кои веќе работат на теренот.
И додека вчера се очекуваше пристигнувањето на американската делегација, илјадници Палестинци протестираа на границата помеѓу палестинските територии и Израел. Во судирите со израелските безбедносни сили се убиени најмалку 12 Палестинци, а повеќе од 500 демонстранти се ранети. Палестинските претставници стравуваат дека конечниот биланс на жртвите ќе биде поголем.
Асошиејтед прес наведува дека низ појасот Газа од џамиите се слушале повици до Палестинците, да се приклучат кон т.н. Голем марш на враќањето. Претходно, израелски авиони пуштиле летоци над Газа, предупредувајќи ги палестинските жители дека ќе ги ризикуваат своите животи ако се приближат кон границата во текот на масовните протести. Израелската војска порача дека ќе реагира на секој обид за оштетување на безбедносната ограда или за какво било повредување на израелските војници или цивили. Од друга страна, пак, палестинското движење Хамас, кое владее со областа на Газа уште од 2005 година, предупреди дека е можно да дојде до пробивање на граничната ограда. Протестите инаку се дел од кампањата за уривање на блокадата на границата на Израел со појасот Газа, која трае веќе 11 години, но и протест против отворањето на американската амбасада во Израел. Палестинците остро се противат на тоа, бидејќи источен Ерусалим го сметаат за престолнина на идната држава.
Одлуката на Трамп не предизвика гнев само кај Палестинците и палестинските власти. Со реакција се јави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој уште од самиот почеток остро го критикуваше најавеното преселување на амбасадата во Ерусалим.
– САД ги занемаруваат правото и правдата, игнорирајќи ја меѓународната заедница. Овој чекор на САД претставува „награда“ за израелската влада и покрај тоа што Израел ги поткопува напорите за решавање на повеќедеценискиот судир. Од друга страна Палестинците се казнуваат. Историјата и човештвото никогаш нема да ја заборават неправдата што им е нанесена на нашите палестински браќа – порача Ердоган.
Русија исто така изрази загриженост дека отворањето на американската амбасада само ќе ги зголеми тензиите на Блискиот Исток. На новинарското прашање за тоа дали Русија е загрижена за зголемување на тензиите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кратко одговори: „Да, имаме такви стравувања“.
Претседателот на иранскиот парламент, Али Лариџани, исто така предупреди дека преместувањето на американската амбасада ќе ги разгори тензиите на Блискиот Исток, а за одлуката на претседателот на САД рече дека не е мудра.
– Нивните мерки за преместување на амбасадата од Тел Авив во Ерусалим како и иранското нуклеарно прашање нема да поминат без проблеми. Таквите акции ќе ги зајакнат тензиите во регионот и во светот – порача Лариџани.
Тој ги повика муслиманските земји да преземат дополнителни сериозни мерки како одговор на одлуката на американскиот претседател да ја премести амбасадата.
Американски владини претставници најавија дека на почетокот персоналот во дипломатската мисија ќе брои најмалку 50 лица. Тој ќе вклучува соработници на амбасадорот Дејвид Фридман и на американските конзуларни службеници, кои веќе работат на теренот. Отворањето на новата амбасада се случи шест месеци откако Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел.
Ал каеда повика на џихад
Лидерот на терористичката група Ал каеда, Ајман ал Завахири, остро ја критикуваше одлуката на САД за преселување на амбасадата од Тел Авив во Ерусалим. Покрај критиките до американскиот претседател Доналд Трамп, Ал Завахири ги обвини и палестинските лидери и арапските земји за предавство на муслиманските интереси, пренесува „Гардијан“.
– Одлуката на САД за преселување на нејзината амбасада во Ерусалим е доказ дека преговорите и угодувањата не им помогнаа на Палестинците – порача Ал Завахири, додавајќи дека палестинските власти се „продавачи на Палестина“.
За Трамп, тој порача дека американскиот претседател јасно го покажал „вистинското лице на модерните крстосувачи“. Ал Завахири истовремено ги повика муслиманите и неговите следбеници на џихад против САД и Израел.
„Трамп е Черчил на 21 век“
Израелската министерка за правда Ајелет Шакед изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е „Черчил на 21 век“ поради преселувањето на американската амбасада во Ерусалим.
– Со тој чекор Трамп ја измени политиката на капитулација на Чембрлен и му покажа на светот дека земјопоседникот се врати – порача Шакед.
Шакед додаде дека затворањето на очите пред јакнењето на нацистичките движења значи затворање на очите пред јакнењето на Иран, пренесува Асошиејтед прес.