Сепак, зголемувањето на платите на фудбалерите значеше дека реалната добивка на клубовите всушност е намалена. Трошоците за платите се зголемиле за 15 отсто за период од една година, до 2,9 милијарди фунти

Вкупните приходи на клубовите во англиската Премиер-лига достигнаа рекордни 4,8 милијарди фунти (5,5 милијарди евра) минатата сезона. Таа сума е поголема од заработката во 2016/2017 година, која изнесуваше 4,6 млд. фунти (5,3 млд. евра), покажува анализата на спортската бизнис-групација „Делојт“.

Сепак, и покрај рекордните приходи, зголемувањето на платите на фудбалерите значеше дека реалната добивка на клубовите всушност е намалена. Трошоците за платите се зголемиле за 15 отсто за период од една година, и достигнале до 2,9 милијарди фунти (3,35 млд. евра). Сето тоа резултира профитот да се намали од една милијарда фунти (1,16 млд. евра) во 2016/2017 на 900 милиони (10,4 млд. евра) во 2017/2018.

Приходите на најдобрите клубови на денот на одигрувањето на натпреварите се зголемиле за 8 отсто за една година, а комерцијалните приходи за 12 отсто.
Клубовите, исто така, имаат корист и од настапите во Лигата на шампионите (ЛШ). Според процените, петте англиски клуба што се пласираа во осминафиналето, меѓу 16-те најдобри, заработиле дополнителни 71 милион фунти (82 млн. евра).
– Приходите на клубовите во Премиер-лигата продолжија да растат во сезоната 2017/2018. Настапите на Тотенхем на стадионот „Вембли“ и зголемената комерцијална активност, вклучувајќи го и нивниот нов договор со „Најки“, придонесоа за повеќе од половина од порастот на приходите на Премиер-лигата и речиси за една четвртина од порастот на комерцијалните приходи во лигата, што севкупно доведе до рекордната заработка – вели Ден Џонс, партнер и шеф во „Делојт“.

Големата шесторка, Арсенал, Челси, Тотенхем, Ливерпул, Манчестер сити и Манчестер јунајтед, учествува со 89 отсто од бруто-добивката, според финансиската компанија „Визибл“.

Овие клубови заработувале повеќе од 53,4 милиони фунти неделно (48,4 милиони фунти во претходната сезона), а преостанатите 14 клуба заедно 39,4 млн. фунти неделно, што е помалку за 200.000 фунти од лани.

Клубовите на Премиер-лигата им исплатиле повеќе од 260 милиони фунти на агентите за 12 месеци, заклучно до крајот на јануари 2019 година, што претставува зголемување од 49 милиони фунти во споредба со претходната година, според документите што ги објави Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија. Ливерпул имал највисоки трошоци, плаќајќи им 43 милиони фунти на агентите во тој период. Челзи (26 млн.) и Манчестер сити (24 млн.) беа следните најголеми потрошувачи.

Вкупните надоместоци за агентите се зголемија и покрај тоа што трошењето за трансферите на играчите се намали за над 500 милиони фунти во споредба со претходната сезона.


Шестмина играчи на Сити во тимот на сезоната

Асоцијацијата на професионални фудбалери на Англија (ПФА) го избра најдобриот тим на Премиер-лигата за сезоната 2018/2019. Меѓу 11-те најдобри, дури шестмина се од лидерот и сѐ уште актуелен првак Манчестер сити.
Тоа се Едерсон, Емерик Лапорт, Бернардо Силва, Фернандињо, Серхо Агуеро и Рахим Стерлинг, четворица се од Ливерпул, Ендрју Робертсон, Трент-Александар Арнолд, Вирџил ван Дајк и Садио Мане, и еден, по малку неочекувано, Пол Погба, од Манчестер јунаjтед.
Како изненадување може да се оквалификува изоставувањето на Еден Азар од Челси, на Мохамед Салах од Ливерпул, на Пјер-Емерик Обамејанг од Арсенал, па и на Хари Кејн од Тотенхем, кои се меѓу најефикасните сезонава.
Втора година по ред во најдобриот тим најмногу фудбалери има од Манчестер сити. Лани беа петмина.
За првпат по 1973/1974-та откако се избира тимот на сезоната има фудбалери само од три тима. Л.Д.