Фото: Маја Јаневска-Илиева

СП 2019 е првото со две земји-домаќини и последно со 24 селекции-учеснички. Актуелниот првак и најтрофејна селекција, Франција, е меѓу главните фаворити за трофејот, а подмладената Македонија на своето шесто СП ќе игра и за трет влез во квалификациите за ЛОИ

Со денешните дуели Германија – Кореја (18.15 ч.) и Данска – Чиле (20.15 ч.) ќе почне 17-дневната ракометна еуфорија на 26-то Светско првенство (СП), кое првпат ќе се игра во две земји (Германија и Данска), а ќе биде последно на кое ќе учествуваат 24 репрезентации. На следното СП, во 2021 година во Египет, ќе има 32 учесници.
Својата шеста мундијалска приказна подмладената репрезентација на Македонија ќе ја почне со утрешниот меч против Јапонија (15.30 ч., пренос на МТВ), во кој ќе ѝ треба сигурна игра и победа за да се доближи до пласман во втората рунда (таму ќе играат првопласираните три селекции од секоја од четирите групи) и да обезбеди место во квалификациите за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година. Потоа следуваат мечевите со Бахреин (недела, 14 ч.), Хрватска (понеделник, 18 ч.), Шпанија (среда, 20.30 ч.) и со Исланд (четврток, 18 ч.).

Бранител на титулата е Франција, која ќе атакува на хет-трик, односно трета титула во низа. Франција е најтрофејната репрезентација, со шест светски злата, едно сребро и три бронзи. Четири златни, три сребрени и четири бронзени медали има Шведска, а четири злата и две бронзи имаат Романците. Покрај Франција, која најави нова атака на светскиот трон, меѓу главните фаворити за 26-та титула се и Данска, Шведска, Шпанија и Норвешка, кои во подготвителниот период, но и во квалификациите за ЕП 2019, демонстрираа одлична и квалитетна игра. Германија и Хрватска ќе ја имаат улогата на фаворити од сенка.

Пред СП обложувачниците ги одредија коефициентите на главните фаворити за трофејот. Први фаворити се Данска и Франција, потоа следуваат Германија, Шпанија, Норвешка, Шведска, Хрватска, а Македонија е делба на 11-то и 12-то место, заедно со вечниот ривал Исланд. Место пред Македонија, според обложувачниците, има за Русија, Катар и за Унгарија.


СП без Карабатиќ, Сигурдсон, Горбок, Тонесен…

Светското ракометно првенство во Германија и во Данска ќе биде посиромашно со неучеството на селекцијата Словенија, како и на Полска, Чешка, Белорусија, Црна Гора…, кои не успеаја да ги поминат квалификациските бараж-дуели. По повеќе години на СП нема да игра еден од најдобрите светски ракометри Никола Карабатиќ, кој поради операција на стапалото ја прекинува низата од осум последователни учества на СП.
Поради повреди нема да игра и најефикасниот стрелец и капитен на Исланд, Гудјон Валур Сигурдсон, кој се повреди во последниот контролен меч со Холандија. Повреда пред самиот почеток на Мундијалот имаше и рускиот централен бек Павел Атман, а поради повреда во рускиот состав нема да ги видиме Сергеј Горбок и Сергеј Шелменко.
Ослабена ќе биде и Норвешка, поради повредата на нивната прва опција на десната бековска позиција Кент Робин Тонесен. Во подготвителниот период Јапонија го загуби својот прв голман Ријосуке Сасаки, Аргентина остана без својот најдобар ракометар Диего Симоне, Србија ќе биде посиромашна за десното крило Дарко Ѓукиќ, а Бразил без пикерот Фереиро Мораеш. Хрватска, пак, ќе биде без повредените Леон Шушња, Марино Мариќ, Марко Мамиќ, Домагој Павловиќ…, а на таа листа со повредени се и Швеѓанецот Филип Хенингсон и Германците Михаел Краус и Јулиус Кун.


Се отвора патот кон Токио

Со Светското првенство во ракомет денеска почнува и квалификацискиот циклус за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година. Новиот светски првак ќе обезбеди директен пласман на Игрите, место во квалификациите за ЛОИ ќе има за селекциите што ќе обезбедат пласман од второто до седмото место, а тие со пласман послаб од седмото место ќе чекаат разврска од континенталните шампионати годинава и в година. Македонија досега двапати играше во квалификациите за ЛОИ, прво за ЛОИ 2012 во Лондон (пласман обезбеден со петтото место на ЕП 2012), а потоа и за ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро (преку деветтото место на СП 2015).


ДОСЕГАШНИ СВЕТСКИ ПРВАЦИ
Франција 6 (1995, 2001, 2009, 2011, 2015, 2017)
Шведска 4 (1954, 1958, 1990, 1999)
Романија 4 (1961, 1964, 1070, 1974)
Германија 3 (1938, 1978, 2007)
Русија 2 (1993, 1997)
Шпанија 2 (2005, 2013)
Хрватска 1 (2003)
ЧССР 1 (1967)
СССР 1 (1982)
СФРЈ 1 (1986)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 


Состав на Македонија на СП 2019
ГОЛМАНИ
Борко Ристовски
Никола Митревски
Златко Даскаловски
КРИЛА
Дејан Манасков
Гоце Георгиевски
Мартин Поповски
БЕКОВИ
Кирил Лазаров
Филип Талески
Филип Кузмановски
Филип Лазаров
Мартин Серафимов
Горан Крстевски
Филип Чурлевски
Марио Танкоски
Велко Марковски
ПИКЕРИ
Стојанче Стоилов
Жарко Пешевски
Милан Лазаревски