Албанскиот парламент, по два и полчасовна расправа, со 101 глас „за“, ја изгласа анкетната комисија, која ќе испитува дали претседателот Илир Мета го прекршил Уставот, со уредбата за одложување на изборите.
Петмина од деветте члена на комисијата се членови на владејачката партија на Еди Рама.
Со тоа повеќе од јасно е дека предлогот за разрешување на Мета до парламентот е веќе донесен, иако анкетната комисија својата работа треба да ја заврши во рок од три месеци.
Претседателот на Албанија, Илир Мета, на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој вчера се одржа во Босна и Херцеговина, го повика регионот да ја препознае реалноста дека Косово е независна и суверена држава.
Илир Мета пристигна во Јахорина, откако албанскиот премиер Еди Рама одлучи да се солидаризира со приштинските власти, кои одбија да учествуваат на оваа средба поради поканата во која Косово не се третира како држава, туку e наведено дека во официјалните соопштенија ќе се споменува со фуснота, пренесува „Танјуг“.
Мета рече дека поради тоа косовските претставници биле принудени да не учествуваат на овој самит. Косово не беше покането со статус на независна држава, со оглед на фактот дека домаќинот на самитот, БиХ, не го признава.