Без разлика дали го применувате постот поради верски побуди или, пак, едноставно сакате да направите чистење на организмот по зимскиот период кога исхраната е исполнета со калорична и масна храна, бенефициите се секогаш добредојдени и речиси неопходни за да се ослободи вашето тело од внатрешното таложење на токсините од недоволно сварената храна.
Отровите од масното ткиво се прочистуваат преку бубрезите и потоа се исфрлаат од организмот. Со постот ќе му дадете на вашето тело мал одмор од заситени масти. Тој исто така претставува одлична терапија за лекување болести поврзани со нездрав начин на исхрана, како што се дебелината, дијабетесот, акните, алергиите… Па, така, доколку на ваков начин постот ги чисти внатрешни органи тогаш можете само да си замислите што му се случува на вашиот организам однадвор. Растоварен од вишокот токсини циркулацијата се забрзува, па, така, не изненадувајте се доколку вашиот тен добие сјај и руменило.
Кога внесувате помало количество храна со помала енергетска вредност немојте да се залажувате дека ќе немате сила да ги завршите дневните обврски. Напротив постот ја засилува вашата кондиција. Доколку на телото му дадете малку шанса да се одмори од тромавоста предизвикана од тешката храна, тоа ќе почне да ја ослободува внатрешната сила што ја црпи од наталожените резерви. Токму оваа енергија е далеку поефикасна од онаа што ја добивате директно од храната.
Не тргнувајте со предубедувања дека менито е сиромашно и дека ќе се ограничите на неколку продукти, кои брзо ќе ви здодеат. Всушност ќе се изненадите колку многу производи на пазарот можат да бидат ваш успешен сојузник додека го испостувате организмот. Понекогаш за некои од нив не сме ни свесни дека се всушност посна замена за оброците што се многу калорични и масни.
Четири посни јадења приготвени без масло
1. Бакардан (палента)
Еден од рецептите за кои нема да ви биде потребно многу време, а секако ќе ве потсети на детството е вкусната сварена палента. За да го приготвите ова јадење потребни ви се:
300 гр палента или пченично брашно
1/2 литар вода
сол
Приготвување:
Посолете ја водата и оставете ја да проврие.
Кога водата ќе проврие, додавајте го брашното постепено во многу мали количества истовремено мешајќи за да не се создадат грутки.
Кога ќе го ставите брашното/палентата, продолжете со мешање уште десетина минути на висока температура со дрвена лажица.
Може да го консумирате самостојно или со прилог (доматен сос или зеленчук).
2. Полнети пиперки со пченица
Ова јадење можеби навидум ви изгледам необично, но верувајте дека ќе бидете пријатно изненадени од аромата и од вкусот.
За приготвување ќе ви бидат потребни:
8 пиперки/бабури
200 гр буковка
500 гр пченица
3 чешниња лук
100 гр домати
300 гр праз
половина лажичка црвен пипер
босилек
Приготвување:
Ситно исечкајте ги празот и буковката, а доматот исечкајте го на коцкички.
Настрана динстувајте ги на вода лукот и црвената пиперка, па додадете ја варената и мелена пченица. Додадете босилек и дополнителни зачини по желба, па со приготвената смеса наполнете ги пиперките. Наредете ги во тавче за печење, покријте ги со фолија и печете триесетина минути на 180 степени.
3. Компирови топчиња
Вкусен и едноставен рецепт за сите оние што во деновите на постите сакаат да приготват и да вкусат нешто интересно и проверено.
За овој рецепт потребни се:
1/2 кг компир
500 гр брашно
лебни трошки
сол
Приготвување:
Сварете го компирот, излупете го, испасирајте го и посолете. Потоа измешајте го со брашното. Вака изработеното тесто измесете го и почнете да формирате мали топчиња, кои ќе ги ставате во зовриена солена вода. Кога тие ќе почнат да излегуваат на површината, тогаш ќе знаете дека се готови. Овие топчиња на крајот можете да ги валкате во лебни трошки, секако доколку сметате дека вам така ќе ви бидат повкусни.
4. Зеленчукова супа/чорба
За приготвување на оваа вкусна и полна со витамини зеленчукова супа, која наедно е и посно јадење, ќе ви бидат потребни:
1 компир
1 морков
1 главица кромид
1 пиперка
2 литри вода
1/2 литар доматен сос
2 лажици зачин од мешан зеленчук
1 китка магдонос
сол
Приготвување:
Измијте ги и исчистете ги, а потоа и ситно исечкајте ги компирот, морковот, кромидот и пиперката.
Прелејте го со вода и оставете го зеленчукот да се свари. Пред крајот, додадете ги доматниот сос и зачинот, посолете и исечкајте китка магданос.