Ако се погледнат официјалните бројки, може да се види дека минатата година имало најмалку разводи во последните десет години. Експертите велат дека намалениот број на разводите не се должи на зацврстување на бракот и семејството, туку на страв од промени во овој критичен период. Потврда за тоа е и драстично зголемениот обем на работа на брачните советувалишта и центрите за социјална работа, кои сигнализираат на затегнати односи во семејствата и на голем број несогласувања
ПАНДЕМИЈАТА СО НЕОБИЧНИ НУСПОЈАВИ И МУТАЦИИ И ВО БРАЧНИТЕ РЕЛАЦИИ
Официјалните бројки на Државниот завод за статистика покажуваат дека 2020 година е година со најмалку разводи во последните 10 години.
Дали пандемијата на ковид-19 ги зајакна брачните врски или, пак, бројката на намалени разводи се должи на нешто сосема друго? Зошто годината со најмногу стрес и неизвесност, истовремено има и најмалку разводи според статистиката?
Минатата година имало 1.375 разводи, односно 615 разводи помалку од претходната 2019 година, кога во официјалната статистика имало 1.990 разводи.
Ако се погледнат официјалните бројки, може да се види дека во 2020 имало најмалку разводи во последните десет години.
Експертите велат дека намалениот број на разводите не се должи на зацврстување на бракот и семејството, туку на страв од промени во овој критичен период.
Професорката Македонка Радуловиќ, раководителка на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет, вели дека пандемијата предизвикала неизвесност за иднината во однос на сите аспекти на животот.
– Луѓето, пред сѐ, се загрижени за своето здравје и ги одложуваат важните животни одлуки. Сметам дека намалениот број на разводите не се должи на зацврстување на бракот и семејството, туку на страв од промени во овој критичен период. Исто така, влијание има и намалената ефикасност на институциите, па бракоразводните постапки побавно се одвиваат – посочува таа.
Според очекувањата на професорката, негативните ефекти на пандемијата, како зголемениот број на случаи на семејно насилство, економската несигурност и губењето на работните места, оневозможеноста за нормално функционирање на членовите во семејството, тешкотиите околу балансирањето помеѓу семејството и работата, ќе го зголемат бројот на разводи на долг рок.
Од центрите за социјална работа, за „Нова Македонија“ веќе потврдуваат дека проблемите со кои се соочуваат партнерите се од различна природа (материјална, социјална, емоционална…), но она што се јавува како најголем причинител за разорување на брачната заедница е живеењето во проширени семејни заедници, во заеднички домаќинства, што доведува и до дисбаланс на целокупното семејно функционирање.
– Токму поради сево ова, брачните советувалишта за време на пандемијава имале и повеќе работа, а тоа ни го потврдуваат и од некои од центрите за социјална работа во земјава – велат од центрите.
Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје велат дека, пред сѐ, видливо е изразена потребата од психолошко советување и третман во делот на партнерските релации и непреченото вршење на родителската улога. Нивниот општ впечаток е дека најчесто се обраќаат или препраќаат кај нив партнери што се во зрели години.
– Пандемијата ги извади на виделина затегнатите односи во семејствата, а како најголем проблем се појави насилството врз повозрасни лица. Особено за време на карантините, кога беа по неколку дена, кога имавме полициски час, се зголеми бројот на пријави за вербални расправии и физичко насилство помеѓу деца и родители, зборувам за полнолетни возрасни деца и нивните малку повозрасни родители. Потоа имавме несогласувања помеѓу тие што веќе се разведени во однос на средбите со децата. Работењето од дома доведуваше до чести вербални расправии помеѓу луѓето, особено помеѓу сопружниците. Во овој период стагнираа разводите на браковите, затоа што судовите работеа со скратено работно време. Како што почнаа со работа судовите, така влегоа во динамика бракоразводните постапки. Најчесто се разведуваат лица на некоја средна возраст. Морам да го истакнам фактот дека кај младите брачни двојки нема праг на толеранција, кај нив многу брзо се донесуваат одлуките за развод. Постарите сакаат да одат во брачно советувалиште, додека помладите не, тие се разведуваат дури и по една година брак – посочуваат од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.
Демографите изминатиот период, откако е почната корона-кризата во земјава, посочија дека се очекува пад на склучувањето на браковите во земјата, како и на наталитетот, што ќе се рефлектира и на демографската слика на земјата.
Инаку, минатата година Македонија првпат влезе во негативен природен прираст. Таа е една од последните земји од поранешна Југославија што сега бележи поголема смртност на населението отколку раѓање на живородени деца.
Број на разводи изминатите години
Разводи во 2020 година 1.375
Разводи во 2019 година 1.990
Разводи во 2018 година 1.620
Разводи во 2017 година 1.994
Разводи во 2016 година 1.985
Разводи во 2015 година 2.200
Разводи во 2014 година 2.210
Разводи во 2013 година 2.045
Разводи во 2012 година 1.926
Разводи во 2011 година 1.753
Разводи во 2010 година 1.720
Извор: Државен завод за статистика