Николина Андова Шопова, писателка
Живееме во време што е немилосрдно, сурово, време во кое конструираните претстави на среќата врескаат од сите страни, додека болката е потисната на маргините, речиси невидлива, вели авторката на романот „Некој бил тука“, добитничка на наградата „Роман на годината“, која за расказ поврзан со истиот роман на Конкурсот на „Нова Македонија“ претходно доби и откупна награда
Вашиот прв роман „Некој бил тука“ ја доби книжевната награда „Роман на годината“ за 2018 година, која во изминатите 20 години од постоењето ја добивале млади, како и веќе етаблирани авторски имиња. Ја очекувавте ли, со оглед на фактот дека досега имате објавено две поетски збирки?
– И самото тоа што стигнав до потесниот избор за наградата, за мене веќе беше успех, особено затоа што бев во друштво на веќе докажани македонски писатели од различни генерации. Ова е моја прва прозна книга, иако на книжевната сцена сум веќе пет години и зад себе ги имам поетските збирки „Влезот е од другата страна“ и „Поврзи ги точките“. За првата поетска книга ја добив наградата за најдобра дебитантска книга „Мостови на Струга“, која ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ и УНЕСКО, и тоа признание ми овозможи, пред сѐ, поголема видливост на делото, преводи на книгата и на многу од песните и на други светски јазици, и учество на многу книжевни фестивали низ Европа и регионот. Факт е дека наградите можат да придонесат да ви се отворат некои врати и нови можности, но оној што го има поривот за пишување ќе продолжи со истиот жар, со или без награди.
Добивте и откупна награда од весникот „Нова Македонија“ за расказот „Мешунки грашок“, кој е поврзан со романот „Некој бил тука“. Како би го опишале процесот на создавање на едното и на другото наградено дело од сегашна временска дистанца?
– Кога пишувам секогаш живеам паралелен живот, малку сум тука, во она што го нарекуваме реалност, а малку и во приказната, невидливо се шетам помеѓу ликовите, ги набљудувам, се смеам, плачам, стравувам со нив, правам влези-излези помеѓу тие два света. Така беше и со оваа приказна. Процесот на создавање и осмислување е многу подолг од процесот на запишување – бидејќи „пишував“ и кога не пишував, мислев на ликовите, на текот на настаните. Понекогаш се случува да запнам и на места што се чинат банални, на некоја ситуација за која сум мислела дека ќе биде едноставно да ја опишам, а практиката ќе ми покаже дека ќе ми треба повеќе време, за разлика од некоја друга, која е далеку покомплексна, а ќе се случи да ја напишам брзо и со леснотија. Почнав да пишувам расказ за нешто што ме прогонуваше подолго време. Уверена дека јас сум онаа што ја контролира приказната, го пишував расказот, за само по два-три дена да сфатам дека таа ми се измолкнува од рацете и некако своеглаво, по сопствена волја се издолжува во роман. Не ми преостануваше ништо друго, освен да го следам одмотувањето на клопчето и да го завршам наративот што ме опседнува.
Раскажувачот во романот е оженет маж што грчевито се бара себеси и својот мир по доживеана семејна трагедија, наоѓајќи го привремено во станот на пријателката на својата љубовница. Од што најмногу кај себеси се изненадивте при успешното составување на овој главен лик?
– Не ми беше тешко да влезам во кожата на маж и од таа позиција да ја раскажувам приказната, особено затоа што не верувам во поделбата на „машко“ и „женско“ писмо. Писателот живее илјада животи додека работи на своите дела. Кога пишувам, јас сум секогаш некој друг/друга. Па дури и нешто друго. Како писател, понекогаш го живеете дури и „животот“ на предметите, можете да зборувате и од нивна перспектива, да им дадете глас и да ја прикажете нивната дотогаш невидлива страна. Кога го градев ликот, пред себе јасно ги гледав неговите психолошки контури, но не можев да знам сè за него. Откривањето на неговиот духовен простор беше зачекорување во непознатото, а на таа територија секогаш има изненадувања.
Во романот умешно ја доловивте препознатливата „домашна“ атмосфера на живеење, а ги избегнавте патетичните замки во кои може да се западне кога станува збор за внатрешни психолошки драми. Им дадовте книжевна видливост на болките што многумина ги носат со себе, а за кои не можат или не сакаат да говорат…
– На човековата болка ѝ се дава име на некоја медицинска дијагноза и на тој начин ни се чини дека можеме полесно да ја врамиме, да ја објасниме, разбереме. Нашите и за нас понекогаш докрај несфатливи духовни провалии се преименувани со јазикот на болеста, со која е ужасно тешко да се справиме кога живееме во време во кое, нели, „никој не сака намуртени лица“, „треба да се шири позитивна енергија“… и други банални флоскули. Мислам дека е многу „поздрава“ природната, човечка тага, отколку пластичната, изнасилена насмевка. Живееме во време што е немилосрдно, сурово, време во кое конструираните претстави на среќата врескаат од сите страни, додека болката е потисната на маргините, речиси невидлива. Личните трагедии на главниот лик во романот во голема мера ги условуваат неговите постапки. Но дури и кога пишувате за големите трауми, за големите психолошки драми што ги споменувате, патетичните тонови не се единствените со кои можете да раскажувате и да ја обоите приказната – во романот има и елементи на хумор и иронија, наместа и црн хумор, кој ѝ е смртен непријател на патетиката.
Ваши песни веќе се преведени на повеќе светски јазици, а пишувате и раскази, песни и сликовници за деца. Сметате ли дека пишаното творештво за деца има можности за подобар развој во овој век?
– Сликовницата е најчесто првата книга со која се среќава детето и има огромно значење во развивањето на љубовта кон книгите и читањето. Во почетокот на осумдесеттите години, кога бев дете, немаше изобилство на сликовници колку што има денес, и беше голема радост да се добие на подарок некоја илустрирана книга, која потоа ја прелистувавме додека не се излити, и ја читавме додека не ја научевме напамет. Во дефицит на други играчки и на денес толку популарните сложувалки, се сеќавам дека кога некоја сликовница ќе се распарталеше од прелистување и читање, илустрираните страници ги сечевме во коцки, кои потоа ги мешавме и ги составувавме, и така „рачно“ си ги создававме нашите мозаици и сложувалки. Верувам дека и во овој век пишаното творештво за деца, и покрај неспоредливо поголемиот избор на игри и дигитална забава, ќе ги предизвика љубопитноста и креативноста кај децата. Читањето е искуство што не може да се спореди со ниту едно друго, нуди единствен вид задоволство и ја поттикнува и возбудува имагинацијата на уникатен начин. Веќе сме длабоко зачекорени во 21 век, а гледаме дека продукцијата на книги и илустрирани книги за деца, во Македонија и во светот, е богата, квалитетна и разновидна. Затоа, не се сомневам дека овој тренд ќе продолжи и во иднина.
Со педагошко искуство зад себе по дипломирањето на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на Филолошкиот факултет, како гледате на сè поактуелниот проблем со незаинтересираноста на младите за познавање и изучување на македонскиот јазик во земјава?
– Тоа што интересот за изучување на македонскиот јазик е драстично опаднат е поразителен факт и логична последица на општата негрижа за јазикот. Образовниот систем во Македонија потфрла уште со учениците од најрана возраст. Од друга страна, информатичките, економските и општествените науки се најпримамливи за младите, кои пред сè размислуваат за својата егзистенција, и се чини дека во изучувањето на македонскиот јазик не гледаат мотив и предизвик. За да ја развивате љубовта кон јазикот, пред сè, треба да го познавате, да нуркате во неговите длабочини и да ги согледате богатството и разноликоста на неговите нијанси и можности, кои најдобро се откриваат преку читање. Потребата и интересот за читање треба да им се влее на децата уште од најмала возраст, бидејќи подоцна е многу потешко да ја стекнат и негуваат таа навика. Токму во таа незаинтересираност и во тој површен пристап кон книгите и читањето го гледам коренот на проблемот – многумина од младите, за жал, немаат однос кон јазикот.