Во рамките на одбележувањето на големиот јубилеј на фестивалот „Таксират“, кој годинава го прославува своето 20-то издание, ќе се одржи и новото издание на музичката конференција ПИН. Првата и единствена кај нас меѓународна музичка конференција годинава ќе се одржи по петти пат, од 29 ноември до 1 декември, а токму со овој настан во Младинскиот културен центар официјално ќе биде отворена програмата за славеничките „Денови на Таксират #20“.
ПИН, како еден од најзначајните проекти во кој „Таксират“ и „Пасворд продакшн“ го вложуваат сиот свој капацитет, меѓународните искуства и успеси, е настан што во државава ги собира сите најрелевантни имиња од европската музичка индустрија во тридневна програма, на која се презентираат и дискутираат актуелните теми од музичкиот бизнис, а која во концертната програма ги претставува новите таленти и најпотенцијални музички изведувачи од различни земји.
Конференцијата и годинава ќе пречека стотина значајни актуелни гости и музички дејци од цела Европа, претставници на најголемите европски фестивали, музичари, промотори, музички агенти, менаџери, новинари и професионалци во областа на музичката и културната промоција. Со извонредно богата програма, конференцијата ги става во фокусот темите поврзани со македонската и европската музичка сцена, музичката продукција, алтернативната култура, поврзаноста на музиката и политиката, авторските права, пристапот „направи сам“, фестивалите, медиумите, трендовите од областа.
– И сето тоа за конечно да внесеме свежи идеи во македонската музичка и креативна индустрија, да ги здружиме сите засегнати страни, оние што сакаат да бидат дел од неа и оние што знаат како функционира оваа индустрија во меѓународни рамки, да помогнеме во размена на идеи и искуства, меѓусебно поврзување и соработка на луѓето што својот животен повик го откриваат во музиката и уметноста – велат организаторите.
Во фестивалскиот дел, пак, кој се одвива во вечерните часови, ПИН во исклучително квалитетна селекција пред македонската публика ќе ги претстави концертите на повеќе од 20 музички изведувачи од Македонија и Европа, а веќе се потврдени настапите на голем дел од музичките гости, па во оваа листа годинава се запишуваат: Горан Трајкоски, „Егоритмија“, „Спирт архитект“, „Модуал“ и „Дупер“ од Македонија, „Ја-нек“ од Полска, Катја Шулц и Дарла Смоукинг од Словенија, „Жен“ од Хрватска, Рут Колева од Бугарија, „Ана енд д чејнџис“ од Србија и др.
Секојдневно ќе има и различни настани од кои веќе се најавени театарско-сценскиот перформанс на Рамбо Амадеус, „Вечер на гломазна поезија“, „Лузер-фест“ и др. Главната вечер на „Таксират“ годинава ќе се одржи на 8 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а веќе е потврден првиот гостин за завршницата на големата прослава, и тоа „Мандо Диао“, славниот шведски индирок-бенд, кој првпат ќе гостува со концерт во Македонија.