На седум трки до крајот на годинашната сезона, Шифрин има недостижни 1.794 поени, 719 повеќе од второпласираната Петра Влхова од Словачка
Американката Микаел Шифрин (23) трета година едноподруго е севкупна победничка во Светскиот куп во скијање.
На седум трки до крајот на годинашната сезона, Шифрин има недостижни 1.794 поени, 719 повеќе од второпласираната Петра Влхова од Словачка.
Шифрин има шанси да освои уште три мали „кристални глобуси“, бидејќи води и во слалом, со 960 поени (втора е Влхова со 757), во велеслалом со 455 поени (втора е Французинката Теса Ворли со 374 поени) и во супервелеслалом со 300 поени (Тина Вајрајтер од Лихтенштајн има 268).
Шифрин е шестата скијачка во историјата на Светскиот куп што големиот „кристален глобус“ го освојува три и повеќе пати. Пред неа такво нешто имаат постигнато само Австријките Анемари Мозер-Прел и Петра Кронбергер, Швајцарката Френи Шнајдер, Хрватката Јаница Костелиќ и сонародничката на Шифрин, Линдзи Вон.
Ова е прекрасна сезона за Шифрин, во која таа четврти пат едноподруго стана светска шампионка во слалом и веќе забележа 14 победи (на 21 трка) во Светскиот куп, со што се израмни со Швајцарката, Френи Шнајдер, на која тоа ѝ успеа пред 30 години. На десетина дена до 24-от роденден (родена е на 13 март 1995), Шифрин има вкупно 57 триумфи во Светскиот куп и, се чини, е на добро растојание од рекордните 86 победи на Ингемар Стенмарк.
Достигнувањето на рекордот на Стенмарк и рекордните 2.414 поени на Словенката Тина Мазе од 2013-та ќе опстојат и натаму, но до крајот на сезоната Шифрин има шанса да забележи некои нови историски резултати. Повеќе од извесно е дека на преостанатите шест трки ќе ги надмине 14-те победи на Шнајдер, а е на добар пат да ја достигне и да ја престигне границата од 2.000 поени на Австриецот Херман Маер од 1999/2000.