Со три активности на три различни локации во градот, група од 15 волонтери од Кичево, го спроведе проектот „Да го разубавиме нашиот град“. Тие на ѕидовите на зградите и партерно, насликаа цртежи со кои ја покажаа љубовта кон родното Кичево.
Последната активност беше спроведена деновиве на надворешните ѕидови од спортската сала на кичевската гимназија.
– Во изминатите три седмици спроведовме три активности, во кои најпрво изработивме партерни цртежи во центарот на градот, потоа на една постара зграда, а на еден ѕид насликавме безброј срциња со што испративме порака до сите колку го сакаме нашиот град. И третата активност ја спроведовме на ѕидовите од спортската сала на гимназијата, каде што на белите монотони ѕидови, насликавме убави цртежи и за миг го разубавивме и овој простор. Иако целосно ги спроведовме трите планирани активности вклучени во овој проект, се надеваме дека овој активизам ќе продолжи и во наредниот период со облагородување и на друг амбиент во нашиот град – истакна Албина Сефадини, координаторка на овој проект.
Наскоро активностите ќе се финализираат со мала свеченост и со ликовна изложба, на која ќе бидат претставени овие простори, како изгледале, пред и по спроведувањето на проектот.
Сите учесници вклучени во овој проект ќе добијат сертификати.