Во текот на минатата година, од армијата се откажале 100 лица од кои 8 офицери, 18 подофицери, 73 војници и еден цивил, додека во текот на првиот квартал од оваа година доброволно заминале 5 офицери и 20 професионални војници. Дополнителен проблем претставува и намалениот интерес за вработување во војската
По здравствените работници и лекарите, од земјава почнаа да си заминуваат и војниците и офицерите ангажирани од војската. Иако овој тренд, кој некои го толкуваат како мошне загрижувачки, претходно не беше присутен барем во овие карактеристични структури, податоците на Министерството за администрација покажуваат дека во текот на минатата и во првиот квартал од годинава, од државните безбедносни институции, стотици вработени доброволно го прекинале работниот однос.
Според податоците на Министерството, во текот на минатата година, од армијата се откажале 100 лица од кои 8 офицери, 18 подофицери, 73 војници и еден цивил, додека во текот на првиот квартал од оваа година доброволно заминале 5 офицери и 20 професионални војници. Тоа во изјавата за национална телевизија го потврди и заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, кој најави дека заради запирање на овој тренд, планирано е од септември платите да бидат зголемени за пет отсто. Освен тоа, и испраќањето во мировни мисии на Блискиот Исток ќе биде искористено како мотив за војниците, бидејќи на тој начин добиваат шанса да заработат по 20.000 евра за шестмесечна служба.
– Ако ги погледнеме статистиките во последниве години, се разбира дека 2018 година во однос на доброволните откази, покрај другите откази, е малку повисока. Ова може да се каже дека е резултат на трендот кај младите – изјави Максути.
Во меѓувреме, синдикалците што дејствуваат во безбедносниот сектор во сублимиран заклучок тврдат дека ваквата состојба се должи на светскиот тренд на голема побарувачка на работна сила од овој калибар во конфликтните подрачја и истовремено на ниските плати на армискиот кадар во земјава. Ристо Ајтов, претседател на Синдикатот за одбраната и безбедност, објаснува дека се поразителни бројките, кои неодамна беа презентирани во однос на доброволните раскинувања на работниот однос во армијата.
– Мојот личен став е дека ваквата состојба е фрапантна, бидејќи по медицинарите сега од земјата си заминуваат и војниците и полицајците. Станува збор за стотици луѓе што изминативе години доброволно ги напуштиле своите работни места единствено водени од финансискиот мотив. Со овој чин и самата безбедност на државата е намалена бидејќи се намалува и борбената оперативност и готовност на војската. За да замениш еден високостручен професионален војник или офицер со нов кадар во практика значи губење на две до пет години, во зависност од тоа што работеле претходниците, дали тие биле дел од специјалните единици, командата или логистиката – вели Ајтов.
Според синдикалецот, иако е за поздравување неодамнешното покачување на платите, тоа, како што вели, е недоволно бидејќи станува збор за проценти што во практиката се незначителни во однос на постојаниот пораст на трошоците за живот. Ајтов додава и дека во најголем дел од случаите, оние што си заминуваат од АРМ се вработени во специјалните единици на војската.
Тоа, според него, е така бидејќи за овие луѓе во моментов има многу работа во актуелните воени жаришта како што се Сирија, Ирак, Либија…
Ајтов вели дека она што е особено загрижувачко во овие случувања е фактот дека од работните места доброволно си заминуваат и високорангирани офицери, кои 30-40 години работеле и командувале на високи позиции во армијата.
Во Независниот армиски синдикат се согласни дека ниските плати и слабата логистика се главните причини поради кои квалитетните армиски кадри заминуваат од своите работни места. Оттаму објаснуваат дека изминативе години ниту една од владејачките гарнитури не покажа разбирање за состојбата и не се обиде да ја спречи појавата.
– Луѓето што си заминуваат од работните места се високи професионалци од кои најголем дел се одликувани, биле во неколку мировни мисии и се школувале во странските армии. Тоа е така бидејќи финансиите се навистина мали, а ако се направи споредба со цивилниот сектор, еден професионален војник има плата од околу 22 илјади денари, а еден капетан на пример има околу 30. Сето тоа да биде уште потрагично дневницата за 24-часовен ангажман на терен изнесува минимални 610 денари, кои ниту приближно не се доволни за задоволување на основните потреби – објаснуваат од синдикатот.
Оттаму додаваат дека оние што заминуваат во најголем дел одат да работат за приватните компании за безбедност, кои дејствуваат во земјите на Блискиот Исток каде што платата за еден офицер достигнува и до пет илјади евра месечно, а истите тие потпишуваат работни договори за најмалку три години, па оттука сосема е јасен мотивот..
Како на дополнителен проблем, од Независниот синдикат посочуваат и на намалениот прилив на нови кадри во армијата.
– Ако пред пет-шест или пред десет години при распишување конкурс за работно место во АРМ, за едно место конкурираа по минимум десет луѓе, сега состојбата е драстично сменета и за едно место во војската конкурираат двајца кандидати. Тоа може многу лесно да се препознае и на последниот конкурс за војници кога за вкупно 185 работни места аплицираа околу 370 кандидати. Тоа дополнително ја отежнува целата состојба бидејќи на ваков начин сега и дополнително се намалува и можноста за избор на најквалитетни кадри за во АРМ – заклучуваат од Независниот армиски синдикат.