Македонија и Финска првпат се сретнаа во Бахреин во 2002 година, кога победи Финска со 3-0, а попладнево треба да одиграат нов пријателски меч на неутрален терен, во Турција. Дуелот е и шанса Македонија да ја продолжи серијата од пет меча без пораз од минатата година

Фудбалските репрезентации на Македонија и на Финска по повеќе од 16 години денеска во Белек (Турција) одново треба да одиграат пријателски натпревар на неутрален терен. Дуелот е закажан од 17 часот на арената „Глорија“.

Во единствената ваква „неутрална“ средба Финците славеа со 3-0 на 10 јануари 2002 година во Бахреин, со 3-0. Потоа во април истата година двете селекции одиграа уште еден тест-меч, во Прилеп, а тогаш победи Македонија со голот на Горан Ставревски. Македонија и Финска се сретнаа и во квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство во 2006 година, кога скандинавската селекција двапати победи, со 3-0 во Скопје и со 5-1 во Тампере.

Средбата денеска во Белек ќе биде 21-ва за Македонија на неутрален терен. Црвено-жолтите имаат идентичен скор, со по седум победи и порази, но вкупно негативна гол-разлика. За Македонија ова ќе биде и трет натпревар на неутрален терен во Турција. Претходно, пред девет години Македонија и Молдавија одиграа реми без голови, а во 2012 година македонската репрезентација загуби од Полска со 1-4.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски сега се во низа од пет меча без пораз (три победи и две ремија), а на последните девет средби имаат пет победи, три нерешени и еден пораз (од Шпанија).

– Финска е квалитетна селекција и ја сфаќаме сериозно. Ги анализиравме нивните добри и помалку квалитетни страни и верувам дека со победа ќе ја подобриме одличната атмосфера во нашата репрезентација. Тоа секако ќе ни биде дополнителен мотив и за дуелот против Азербејџан – изјави напаѓачот Илија Несторовски за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија.

Дуелите денеска, а потоа и во вторник со Азербејџан се подготовка за настапот во новото натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), Лигата на нациите. Македонија е во лигата Д, а шампионот ќе се пласира на Европското првенство во 2020 година. 


Финците беа тврд орев во квалификациите за СП 2018

Селекторот на Финска, Марку Канерва, за пријателскиот фудбалски меч со Македонија денеска во Турција повика 23 фудбалери, од тоа 19 интернационалци, и тоа од 12 земји. Во составот има и двајца фудбалери што настапуваат во американската МЛС-лига, за тимовите на Њујорк сити (Александер Ринг) и на Минесота јунајтед (Расмус Шулер). Оваа репрезентација на Финска е доста искусна, со шестмина со повеќе од 40 меча за националниот тим, меѓу нив и првиот трелец во актуелниот состав, со 10 гола, Теему Пуки (игра за Ајнтрахт).

Финска не се пласира на Светското првенство годинава во Русија (во групата го освои претпоследното место со девет бода), но во квалификациите го победи Исланд дома и ремизира со Хрватска на гости и со Турција дома. Згора, на мечот на гости со Исланд, кој го освои првото место во групата, Финска загуби со 2-3 со два гола примени во судиското продолжение на мечот (91-та и 96-та минута).

Канерва беше помошник на селекторите од 2011 до 2015 година, кога беше назначен за в.д. селектор. Од декември 2016 година е селектор на Финска, откога следуваа победите над Исланд и ремијата со Хрватска и со Турција.