„Капитал газет“ излезе во печат само еден ден откако напаѓач со сачмарка и со димни бомби упадна во редакцијата на весникот од Анаполис и уби пет лица
Редакцијата на американски „Капитал газет“ вчера го објави петочното издание со статии и со некролози за своите пет колеги, кои беа убиени во нападот врз седиштето на локалниот весник во Анаполис, главниот град на Мериленд.
Новинарот Чејс Кук на Твитер напиша „Утре го објавуваме проклетиот весник“, само неколку часа откако напаѓач со сачмарка и со димни бомби завчера упадна во редакцијата на весникот. Во нападот се убиени уредничката Венди Винтерс (65), асистентката за продажба Ребека Смит (34), помошник-уредникот и колумнист Роберт Хиасен (59), уредникот Џералд Фишман (61) и дописникот и уредник Џон Мекнамара (56). Уште три лица се ранети и се хоспитализирани.
Медиумите во САД објавија дека нападот го извршил Џарод Рамос (38), кој неуспешно го тужел весникот за клевета во 2012 година. Тие посочуваат дека Рамос бил идентификуван со технологија за препознавање на лицето, бидејќи си ги оштетил отпечатоците. Полицијата не ги потврди мотивите, туку само соопшти дека уапсила бел маж на околу 30 години, пренесе Би-би-си.
Новинари од весникот објавуваа на социјалните медиуми за нападот додека напаѓачот пукал во стаклената врата на канцелариите и потоа стрелал во вработените внатре. Селин Сан Фелис изјави за Си-ен-ен дека легнала под бирото додека напаѓачот стрелал и дека потоа се обидела да избега низ задната врата, но таа била заклучена. Друг новинар, Фил Фејвис, исто така изјави дека колегите се криеле под бироата во канцелариите.
– Не знам зошто престана да пука – изјави Дејвис, нагласувајќи дека редакцијата личела на воена зона.
Од полицијата велат дека напаѓачот се криел под биро кога пристигнале во зградата и посочуваат дека немало престрелка со него.
– Целта на нападот бил весникот „Капитал газет“. Напаѓачот влегол во зградата со сачмарка и ги барал своите жртви – изјавија од полицијата, додавајќи дека во канцеларијата е најден и уништен уред за кој се претпоставувало дека е експлозив, но на крајот било утврдено дека е димна бомба.
Полицијата евакуирала 170 лица од зградата на „Капитал газет“, во која има уште 30 други фирми. Во целата операција учествувале и ФБИ и Бирото за алкохол, тутун, оружје и експлозиви. Во меѓувреме, полицијата во Њујорк соопшти дека испратила противтерористички тимови пред медиумските компании во и околу градот како мерка на претпазливост. За нападот во Анаполис веднаш бил брифиран и претседателот на САД, Доналд Трамп, кој подоцна изрази сочувство за жртвите.
Инаку, Комитетот за заштита на новинарите пред нападот во Мериленд објави дека седум новинари се убиени во САД од 1992 година поради дејноста што ја вршеле, последен пат во Вирџинија во 2015 година, кога во живо среде интервју беа убиени ТВ-новинарката Алисон Паркер и камерманот Адам Ворд.