До парламентарните избори во 2016 година владејачката Демократска партија на социјалистите парите од црните фондови ги уфрлала во легалните текови, така што партиски функционери во исто време уплатувале готовина во исти деловници низ Црна Гора. По ова се преминало на исплати на рака, покажуваат податоците на Мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС), по обелоденувањето на најновата финансиска афера, со назив „Коверт“, во која е вклучена партијата на актуелниот претседател на ЦГ, Мило Ѓукановиќ.
Извршната директорка на МАНС, Вања Чаловиќ Марковиќ, за весникот „Вијести“, изјави дека ова претставува работа за специјалниот државен обвинител Миливој Катниќ, кој без одложување треба да го преиспита финансирањето на ДПС.
По две недели од почетокот на аферата и признанието на лидерот на ДПС дека можеби има мало прекршување на законот, завчера се огласи и Агенцијата за спречување на корупцијата, која даде објаснување дека „за нив сѐ било според законот“.
Повикувајќи се на официјалните податоци од финансиските извештаи на ДПС, Чаловиќ Марковиќ објаснува дека во оваа партија парите од црните фондови биле внесувани во легалните текови преку поединечни донации и исплата во готово.
– По откритијата на МАНС, од партијата почнаа да прикажуваат помали трошоци од реалните, што го потврдуваат и официјалните податоци. Специјалното државно обвинителство, на основа на ваквите податоци, има многу потенцијални сведоци и може да открие на кој начин парите биле испрани и ставени во легалните текови – вели таа.
Претседателот на „Атлас група“, Душко Кнежевиќ, неодамна изјави дека дал 200 илјади долари како донација на ДПС пред парламентарните избори, но неговото име не се споменува меѓу донаторите во финансискиот извештај на оваа партија. Тој обвини дека претседателот на ДПС пред изборите им одредувал тарифи за финансирање на кампањата на владејачката партија. Ѓукановиќ ги отфрли обвинувањата дека барал пари од бизнисмените да ја помагаат ДПС, но потврди дека некои од нив покажувале заинтересираност да дадат пари.
Од МАНС изјавуваат дека пари за партијата уплатувале и лица што се социјални случаи, а сите уплати се правени преку жиро-сметка исклучиво преку Прва банка, која е во сопственост на братот на потпретседателот на ДПС, пишува весникот „Вијести“.
Од Агенцијата за спречување на корупцијата, во врска со информациите објавени во медиумите за финансирањето на ДПС од 2016 година, изјавија дека не се евидентирани лица што го финансирале овој политички субјект во износи што го надминуваат законскиот лимит.
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, најави дека ќе поведе постапка пред надлежните органи против одговорните лица што се вклучени во валканата акција, чија цел е негова политичка и морална дискредитација.
Медиумите во ЦГ и во Србија објавија дека од полицијата во рамките на аферата „Атлас“ повторно биле уапсени три лица, меѓу кои и поранешен вицегувернер на Централната банка на ЦГ, на кои им беше одреден притвор од 30 дена. По обелоденувањето на аферата „Коверт“, од политичките партии во опозицијата беше побарано да се свика вонредна седница на Собранието на ЦГ, на која би се донеле заклучоци за целосно расчистување на овој случај.