„Богородица со насмеаното дете“ е насловот на скулптурата за која се смета дека ја создал Леонардо да Винчи, прва негова воопшто идентификувана зачувана скулптура, која минатата седмица беше претставена во Фиренца. Иако отсекогаш се верувало дека познатиот уметник правел и скулптури, досега ниедна не беше идентификувана. „Богородица со насмеаното дете“ е чудесен исклучок, посочиле кустосите на изложбата „Верокио: Леонардовиот учител“, отворена во палатата „Строци“ каде што и се наоѓа скулптурата во овој период.
Се претпоставува дека таа датира од 1472 година кога Леонардо да Винчи имал 19 или 20 години и му бил ученик на фирентинскиот уметник Андре дел Вероки. Ова откритие, според „Гардијан“, особено ја заинтересирало Велика Британија, со оглед на тоа дека таа скулптура од 1858 година му припаѓа на музејот „Викторија и Алберт“, но дека долго време му била припишувана на уметникот Антонио Роселини.
– Тоа е така затоа што научниците беа обесхрабрени од постхумниот авторитет на покојниот историчар на уметноста и директор на Британскиот музеј, Џон Поуп-Хенеси – изјавил Франческо Каљоти, кој води ново истражување.
Тој е познат меѓу стручните лица за ренесансата по своето неприкосновено познавање на скулптурите од 15 век и како дете гениј, кое направило каталог на „Лувр“ кога имало само осум години. Каљоти тврди дека по деталите како што се Христовата насмевка и драперијата се гледа дека во прашање е дело на Леонардо да Винчи и дека Поуп-Хенеси немал доволно докази кога ја прогласил скулптурата за дело на Роселини.
Кармен Бамбах од музејот „Метрополитен“ во Њујорк исто така ги потврдила наводите дека скулптурата висока околу 50 сантиметри е дело на Да Винчи. Во два клучни детала го гледаат доказот за ова тврдење. Првите се бујната и комплицирана драперија слична на онаа на цртежите што Леонардо ги цртал во тој период. Вториот е насмевката на Исусовото лице, животен детаљ што исто така се гледа на цртежите, иако да се прикаже Исус како се смее во 15 век било не само радикално, туку и бласфемично. Во еден пасус во Леонардовите белешки тој пишувал дека како млад упаднал во непријатна ситуација поради прикажување на бебето Исус, што можеби се однесува на оваа скулптура. Одговорните на музејот „Викторија и Алберт“ внимателно изјавиле дека скулптурата првпат му била припишана на Да Винчи во 1899 година, така што студијата на професорот Каљоти повторно ја отвора дискусијата за авторството.