Од денеска (17 ч.) до 25 декември во скопскиот хотел „Стоун бриџ“ ќе се одржи Отвореното првенство на Македонија во шах, во девет кола (швајцарски систем), кое ќе се рејтингува во Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Првенството има квалификациски карактер, бидејќи шестемина најдобри ќе стекнат право за настап на Затвореното првенство на Македонија за 2019 година, кое, пак, ќе се игра по Бергеровиот систем (секој со секого) со 10 учесници.
Првенството е од отворен карактер за сите играчи што се наоѓаат на македонската рејтинг-листа, а темпото на игра е 90 минути за 40 потези и дополнителни 30 минути до крајот на партијата, со бонификација од 30 секунди за секој одигран потег, почнувајќи од првиот. Наградниот фонд изнесува 240.000 денари, поделен на 10 редовни и шест специјални награди. Победникот ќе биде побогат за 60.000 денари.
На ден пред почетокот беа пријавени 71 учесник (пет шахистки), од кои двајца велемајстори (ВМ), тројца интернационални мајстори (ИМ) и девет ФИДЕ-мајстори (ФМ). Прворангиран е членот на Алкалоид и македонската репрезентација, ИМ Филип Панчевски (2.495 рејтинг-поени).