Неколку месеци пред терминот за редовни претседателски избори, сосема очекувано, веќе се зборува за можни кандидати и за коалиции, но она што, според некои од експертите, повторно изостанува се навремена и сериозна дебата и корекција на изборната регулатива и на избирачкиот список, чии слабости постојано се провлекуваат и се „забележуваат“ дури непосредно пред изборите или на самиот ден на гласањето, поради што Македонија со години добива критики од релевантните меѓународни организации и институции
Неколку имиња на можни кандидати за функцијата иден шеф на државата, како и отворената понуда на ДУИ до СДСМ за предизборна коалиција и за заеднички кандидат, веќе неколку дена се предмет на експертски анализи и јавни дебати што сосема е очекувано и вообичаено неколку месеци пред терминот за редовни избори. Но она што, според некои од експертите, повторно изостанува се навремена и сериозна дебата и корекција на изборната регулатива и на избирачкиот список, чии слабости постојано се провлекуваат и се „забележуваат“ дури непосредно пред изборите или на самиот ден на гласањето, поради што Македонија со години добива критики од релевантните меѓународни организации и институции.
Само за потсетување, на неодамнешниот референдум, на пример, меѓу граѓаните што не можеа да го остварат своето избирачко право беа парламентарниот спикер Талат Џафери и поранешниот претседател на државата и премиер Бранко Црвенковски, бидејќи ги немало во избирачкиот список.
Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Новаковски, вели дека иако пред референдумот било речено дека ќе се отстранат долгогодишните аномалии во избирачкиот список, се увиде дека проблемот не бил решен. Тој смета дека прекратко е времето до претседателските избори за да се направи ревизија на избирачкиот список и од Изборниот законик да се отстранат сите слабости на кои континуирано се укажува со години од страна на ОБСЕ/ОДИХР и на ЕУ. Тој, едноставно, не очекува дека овој пат нешто битно ќе се направи на тоа поле.
– Во однос на забелешките на ОБСЕ, кои ни се повторуваат во повеќе изборни циклуси и се повторија дури и на последниот референдумот, сметам дека тие тешко ќе се отстранат и на овие избори. Тоа е така бидејќи главна критика по референдумот беше овој состав на ДИК да се смени со преодно решение и со избор на професионални лица, а не со партиски членови. Но според она што го знаеме, Собранието наместо да ги послуша препораките, им го продолжи мандатот на досегашните членови. Исто така, имаше и критики во однос на ревизија на избирачкиот список, кој не се соодветствуваше со бројките на терен. Многу лица на референдумот не успеаја да го остварат својот глас поради административни грешки што не е дозволиво за европски и светски стандарди – објаснува Новаковски.
Поранешниот претседател на ДИК додава дека досега државата требаше да смогне сили и да избере професионален состав на ДИК. Според него, очигледно е дека нема политичка волја за таков исчекор поради што може да се очекува оти и наредните избори ќе бидат проследени со критики.
– Дали ќе се отстранат критиките за изборите, мислам дека тоа е тешко. Единствено што може да се направи за да се ублажат забелешките е да се избере нов состав на Државна комисија за спречување на корупција, која ќе биде клучна институција за овие избори. Тоа треба да се направи итно и со консензус бидејќи оваа институција ќе има најголем удел во контролата на финансирањето на партиите за претстојните избори и во можните манипулации што ќе следуваат потоа. Доколку ни тоа не се стори, правиме голем пропуст и создаваме простор за критика од страна на ЕУ – заклучува Новаковски.
Наспроти молкот во однос на подобрување на условите за спроведување избори, политичките партии, пред сѐ големите, деновиве се сѐ погласни кога станува збор за избор на идниот претседател на државата, што значи дека неофицијалната предизборна кампања веќе е почната.
Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на неодамнешниот протест пред Владата порача дека прв чекор од победата врз оваа власт е победа на претседателските избори.
– Чувствувам емоција, љубов и најважно од сѐ мотив дека во овој наш пат, кој нема да биде лесен и едноставен, ќе го изодиме заедно кон нашата цел, а таа е победа на избори. За да има избори мора да се избориме. А за да се избориме потребни се љубов и искреност. Ајде на претседателските избори жестоко да победи нашиот кандидат. Тоа е првиот триумф кон ослободувањето на татковината. Од тука да почне нашата победа – рече Мицкоски, не посочувајќи притоа кој би бил кандидат на партијата на претстојните избори.
Неофицијално, пак, во партиските кругови се споменува професорот Трајко Славевски, кој бил најдобро позициониран во интерните анкети, како и поранешната партиска потпретседателка и министерка за култура Ганка Цветанова и универзитетската професорка Гордана Силјановска. Своите намери веќе ги обелодени Јове Кекеновски, кој во 2014 година беше еден од кандидатите на партиската конвенција. Тој сега има амбиција да стане кандидат на обединетата опозиција.
Од пред извесно време универзитетскиот професор и поранешен дипломат Денко Малески најчесто се споменува како можен кандидат на СДСМ што наиде на добар прием во коалициската ДУИ, од каде што веќе понудиле и своја поддршка.
Шпекулациите дека дури и премиерот Зоран Заев би можел да истрча како кандидат за претседател ги запре самиот тој изјавувајќи дека планира неговата влада да го истера целиот мандат, до редовните парламентарни избори кон крајот на 2020 година и дека нема намера да се кандидира на претстојните претседателски избори.
Заев изрази уверување дека има многу подобри претседателски кандидати од него, истовремено навестувајќи дека не размислува за спојување на претседателската трка со предвремени парламентарни избори.
– Одговорноста пред граѓаните и моите ставови се дека треба да се истера цел мандат. Да ѝ се даде шанса на економијата, да им се даде шанса на реформите, на целиот овој процес. Македонија конечно заслужува еден цел мандат – рече Заев.
Сепак оваа одлука на Заев во политички кругови не се сфаќа како дефинитивна, поради искуството за Бранко Црвенковски, кој прво негираше, а потоа ја предаде премиерската функција за да се кандидира на претседателските избори во 2004 година.
Понатамошниот развој на политичката ситуација, според процените на експертите, ќе има големо влијание при изборот на претседателскиот кандидат на владејачката партија или, поточно, на владејачките партии, со оглед на предлогот на ДУИ за заеднички настап на изборите.
– Во однос на тоа дали консензуален или некој друг кандидат ќе се кандидира на претстојните избори сѐ уште е рано да се зборува. Мое мислење е дека ќе има голем број заинтересирани кандидати и не би можел да навлегувам во детали. Но досега веќе требаше да се наѕираат профилите на евентуалните кандидати, бидејќи, сепак, станува за редовни избори. Со ваквата моментална состојба им се скратува правото на граѓаните да бидат навремено информирани за кого ќе го дадат својот глас – вели Новаковски.
Шестите претседателски избори во земјава треба да се одржат во последните 60 дена од владеењето на актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов, чиј мандат завршува на втори мај следната година што значи дека роковите за одржување на изборите ќе почнат да течат веќе од почетокот на март.