Под одложување акција на ловџиско куче се подразбира навиката кога ловџијата може да го остави кучето на одредено место, од кое тоа може, но и не мора да го види ловџијата и притоа да не се помрдне од тоа место без негова команда, без разлика дали ловџијата пукал или не или, пак, кучето го видело дивечот или не
Под одложување акција на ловџиско куче се подразбира навиката кога ловџијата може да го остави кучето на одредено место, од кое тоа може, но и не мора да го види ловџијата и притоа да не се помрдне од тоа место без негова команда, без разлика дали ловџијата пукал или не или, пак, кучето го видело дивечот или не. Тоа одложување на акцијата може да трае и со часови. Колку е значајно тоа, добро му е познато на секој ловџија, било да лови ситен или крупен дивеч. Токму затоа голема е разликата, дали се оди во лов со куче, на кое тоа му е познато или со куче, кое не е научено на ваква работа.
На пример, ловџијата е во близината на некое мочуриште и гледа како патките слетуваат во водата. Ако на кучето му се нареди да легне и да чека, за ловџијата да се приближи до некоја добра позиција од каде што ќе може да пука, тоа ако е послушно треба да мирува и да ја чека следната команда на ловџијата, а не да трчка кон патките, бидејќи во тој случај можноста да се улови нешто сигурно ќе пропадне. Значи ако ловџијата не го научил на чекање своето куче, тоа секогаш ќе се стрчува кон дивечот, без разлика дали потоа ловџијата ќе го удри или не.
Доколку ловџијата го научи своето куче да легне и да чека, тогаш главната работа е веќе завршена. За подолго чекање, пак, некои мислат дека е добро во близината на кучето да се остави некој предмет, оти баш тој предмет му дава поголема сигурност дека кучето ќе му се врати. Подоцна кога ловџијата ќе пука на дивечот, а кучето ќе се стрча кон ранетото животно да го фати, не смее веднаш по истрелот да биде повикано да дојде кон него.
Во ловот треба да се издаваат што помалку команди со зборови, бидејќи тоа го намалува успехот. Воопшто треба секогаш да се настојува ловџијата сам да дојде по кучето и да го подигне, а не само да го повика кон себе. На тој начин тоа стекнува доверба дека ловџијата секогаш ќе доаѓа по него, а тоа секогаш ќе биде мирно на местото каде што ќе биде оставено да чека некоја следна наредба.
Како вежба добра за ловџиското куче, може да се примени следнава: еден ловџија ќе глуми гонител и гласно ќе го брка дивечот, а неговиот помошник ќе стои на некоја чистина, но во близината на кучето. На вратот на кучето има оглав, на кој му е цврсто врзан конец. Потоа помошникот незабележливо ќе го спушти конецот на земјата и притоа цврсто ќе застане на него. Кога гонителот ќе се огласи или ќе почне да лупа по околните стебла, помошникот на ловџијата почнува да пука. Ако кучето стане, помошникот веднаш доаѓа до него, го протресува за оглавот и повторно го поставува на истото место и во истата положба како претходно. Команда со зборови, а особено викање на кучето, никако не треба да применува, оти кучето би се навикнало на тоа, а каков ќе биде резултатот во текот на ловот кога ловџијата постојано вика на сите им е добро познато. Тогаш некои ловџиски кучиња кога ќе останат сами, почнуваат да цивкаат или да лаат.
Јадица – ситен, но значаен прибор за риболов
Јадиците можеме да ги поделиме на добри и на лоши. Подобри се појаките и поцврстите, кои ќе пукнат дури кога ќе ја достигнат точката на издржливост, отколку оние што ќе се исправат многу порано
Риболовот е невозможен без јадица. Таа е ситен прибор за риболов, но мошне значаен. Со текот на времето се работело на нејзино подобрување, како во поглед на структурата на материјалот така и на нејзиниот изглед. Производители на јадици има многу, а како попознати можат да се спомнат: „Гамакатсу“, „Камасаки“, „Мустад“, „Дам“, „Златeн лав“… Големината на јадиците што ќе се користат е тесно врзана со видот на рибата што се планира да се лови. Ги има со еден, два, три, па и со четири краци, боите се бели, жолти, сребрени, па дури и црвени. Во зависност од големината постојат и таблици за нивна нумерација, но главно постојат две, „редич“ и „кендол“.
Јадиците можеме да ги поделиме на добри и на лоши. Подобри се појаките и поцврстите, кои ќе пукнат дури кога ќе ја достигнат точката на издржливост, отколку оние што ќе се исправат многу порано.
Тоа што е битно при одбирањето на јадицата е следново:
– Јадицата мора да биде остра. Не е точно дека сите нови јадици се остри и затоа треба да се проверат.
– Треба да се погледне дали јадицата поседува јазиче, кое го спречува лесното откачување на уловот.
– Треба добро да се погледне дали плочката на врвот на вратот од јадицата е доволно широка, за таа едноставно да не се лизне од конецот.
– Доколку се лови крупна риба потребни се и покрупни мамки. Тогаш е потребно јадицата да има пошироко колено, за на неа да се стават два или повеќе црви, зрна жито и сл.
– Големината на јадицата рибарот треба да ја приспособи на големината на рибата што сака да ја лови.