Секретаријатот за развојни проекти на Црна Гора распиша оглас за избор на агенти за посредување при аплицирање за стекнување на црногорското државјанство преку инвестиции и за избор на агенти за оцена на меѓународната подобност на кандидатите. Од владината служба за односи со јавноста соопштија дека пријавите за потенцијалните кандидати треба да се достават заклучно со први февруари 2019 година.
Секретаријатот за развојни проекти ќе донесе одлука за изборот на агентите во рок од 30 дена од денот на јавното отворање на пријавите. По донесувањето на одлуката, Владата на ЦГ со избраните лица ќе склучи договор врз чија основа ќе им биде издадена лиценца. Агентите ќе можат да ја извршуваат својата активност во рамките на наведената програма за пронаоѓање инвеститори што ќе сакаат да се стекнат со т.н. „економско државјанство“.
Основната задача на агентите е да се испита потеклото на парите на лицата што сакаат да аплицираат за државјанство на Црна Гора. Доколку во дополнителен процес се докаже дека лицето дало лажни податоци или намерно ги прикривало фактите и околностите за стекнување на државјанството, тоа ќе му биде одземено. Соодветни санкции ќе има и за агентот доколку при процената на меѓународната подобност за тоа лице дал известување со неточни податоци.
– Сите процедури ќе бидат транспарентни и отворањето на пријавите на кандидатите ќе биде јавно. Право да присуствуваат на јавното отворање имаат лицата што се подносители на пријавите за агенти или нивните овластени претставници – соопштуваат од Секретаријатот за развојни проекти.
Владата на ЦГ минатиот месец ги објави критериумите и начинот за избор на лицата што можат да се стекнат со економско црногорско државјанство, со реализација на посебна програма на вложувања од посебно значење за економскиот пораст на земјата. Врз основа на оваа одлука, во наредните три години може да се издадат најмногу 2.000 црногорски пасоши. Целта на оваа владина програма е забрзување на економскиот развој на Црна Гора, со создавање нови туристички, земјоделски и преработувачки капацитети и отворање нови работни места.