Во издание на „Три“ деновиве од печат излезе „Серотонин“, новиот роман на еден од најконтроверзните автори на француската и светската книжевна сцена Мишел Уелбек.
Преводот на македонски се појавува нецели два месецa по француската промоција.
Четири години по последната книга „Покорување“, Уелбек се враќа со можеби најконтроверзниот роман досега. И во ова дело им останува верен на своите омилени теми, кои ги обвиткува со својот препознатлив нихилизам: политиката и порнографијата, страдањата, човечката интеракција, жените… Опишувајќи ја мрачната вистина за современа Франција и бунтот на средната класа, „Серотонин“ се појави непосредно пред протестот на „жолтите елеци“ во Франција.
Приказната во „Серотонин“ претставува една Франција во која глобализацијата го голта малиот човек, ги гази своите традиции, ги банализира своите градови и ги уништува своите села што се на раб на бунт. Типичниот главен лик, изморен од животот и од љубовта, ни раскажува за својот живот на инженер агроном, за пријателството со еден аристократ земјоделец, за неисполнетите идеали од нивната младост, за надежта дека ќе најде една жена што ја загубил… Роман за светот без солидарност, без добрина, каде што мутациите веќе никој не може да ги контролира, за каењето и жалењето. Веднаш по објавувањето, „Серотонин“ беше прогласен за книга на годината во Франција.