Сагосен (24) сезонава беше избран за МВП на францускиот шампионат, а беше дел и од олстар-тимовите на СП во Германија и во Данска во 2019 и на ЕП во Австрија, Норвешка и во Шведска годинава, на кое стана рекордер по бројот на постигнати голови (65)

ВО ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ИЗБОР НА ЕВРОПСКАТА РАКОМЕТНА ФЕДЕРАЦИЈА

Во пресрет на почетокот на новата натпреварувачка сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), Европската ракометна федерација (ЕХФ) традиционално ја изработи листата со имиња и тимови што ги направија најдобрите трансфери на ракометниот пазар.
Според ЕХФ, прв и најзвучен трансфер ова лето е на еден од најдобрите ракометари на денешницата, Норвежанецот Сандер Сагосен, кој од редовите на францускиот првак ПСЖ се сели во редовите на германски Кил. Според многумина, ова е еден од најдобрите трансфери на актуелниот шампион на Германија во последните 10 години. Сагосен (24) сезонава беше избран за МВП на францускиот шампионат, чиј дел беше изминатите три сезони, а беше дел и од олстар-тимовите на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска во 2019 година и на Европското првенство (ЕП) во Австрија, Норвешка и во Шведска во јануари годинава, на кое стана рекордер по бројот на постигнати голови (65). Во досегашната кариера Сагосен настапи во тимовите на Колштад, Хаслум, Алборг.

Втор најдобар трансфер, според ЕХФ, е оној на литванскиот џин Данаис Кристопанс (215 см). Тој својот трансфер во ПСЖ го најави уште на крајот на минатата сезона, но имаше за одработување уште една година од договорот со македонскиот првак Вардар, кој го напушти во февруари поради финансиските проблеми и се пресели во бундеслигашот Фуксе Берлин. Леворакиот џин својата досегашна кариера ја градеше во Латголс, Татран, Ал-Рајан, Мешков, Вардар.
Третата позиција на листата на ЕХФ ја има младиот репрезентативец на Словенија, Блаж Јанц, кој дресот на Киелце го замени за оној на шпанскиот гигант Барселона, каде што дојде како замена за шпанската легенда Виктор Томас. Од 2012 до 2017 година Јанц беше дел од словенечкиот првак Целје, а потоа три сезони помина во редовите на полскиот првак.

Изненадувачки на четвртото место е трансферот на десното крило на ПСЖ, Лук Абало, во норвешкиот првак Елверум. По прекинот на сезоната поради пандемијата на коронавирусот, Абало најави пензионирање, но Норвежаните го одвратија од таа намера.
Петтото место на листата го зазема трансферот на францускиот пикер Никола Турнат од редовите на Нант во полскиот првак Киелце. Следен е трансферот на Словенецот Сташ Скубе од Вардар во белорускиот првак Мешков, па преминот на Шпанецот Хорхе Македа од Сегед во Веспрем.
На осмата позиција е заминувањето на Данецот Мадс Менсах Ларсен од редовите на Левен во Флензбург, преминот на пикерот на Гранолерс, Адриа Фигуерас во редовите на Нант ја има деветтата позиција, додека, пак, преминот на Словенецот Борут Мачковшек од Веспрем во Сегед е на 10-та позиција на оваа трансфер-листата што ја направи европската куќа на ракометот.