Трговските војни, сајбер-нападите, промените во одбранбените стратегии и трките за вооружување навестуваат нов, опасен судир меѓу суперсилите
Заострувањето на конкуренцијата меѓу САД, Кина и Русија прераснува во фактор што го дефинира меѓународниот систем и им создава проблеми на средните сили кои се инволвирани во ривалството меѓу трите големи сили. Не беше потребно многу време, трговските војни, сајбер-нападите, промената во одбранбените стратегии и трката за вооружување да го убедат светот дека ова е новата, опасна реалност.
Натпреварот меѓу големите сили ќе се интензивира во 2019 година. Белата куќа ќе ги засили обидите да го спречи напредокот на Кина на повеќе стратегиски полиња. Пекинг ќе претрпи неколку удари, но Кина располага со доволно средства и е мотивирана како никогаш досега да ја забрза агендата и напорите да го достигне нивото на САД. Иако постои одредено ривалство меѓу Кина и Русија, потенцијалот за приближување во односите во 2019 година најверојатно ќе ги надмине несогласувањата во нивното тензично партнерство.
Новата светска динамика предизвикува огромни главоболки за средните сили и светските компании во обидот да се одржат во сè посложените услови.
Новата година ќе ги покаже ограничувањата со кои САД се соочуваат во обидот да ја изолираат Кина еднакво од тесно испреплетените синџири за испорака на стоки и услуги, па и дури и од најзависните американски сојузници што се принудени да избираат меѓу одржувањето на тесните безбедносни врски со САД и зајакнувањето на економските односи со Кина. Дури и големите европски сили што сакаат да го потврдат суверенитетот на ЕУ на светско ниво за да избегнат да станат колатерална штета, во голема мера само ќе реагираат на пошироката конкуренција. За оние сили што се наоѓаат на граница со нив, како што се Полска, Турција и Тајван, потензичната геополитичка клима во некои случаи може да прерасне во стратегиска можност, а тие ќе работат брзо за да ги зајакнат безбедносните сојузи и да извлечат посебна економска корист од моќните соработници.
Разорните технологии и нарушените договори ќе влијаат врз воените арсенали во наредните години. Брзиот развој на технологијата за разорни оружја во комбинација со постепеното пропаѓање на договорите за контрола на оружјето ќе ја забрза опасната трка за вооружување меѓу САД, Русија и Кина.
Речиси сигурното повлекување на Вашингтон од Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел и слабите преговори за новиот СТАРТ ќе ги продлабочат поделбите во Европа, затоа што западните сили сакаат да избегнат зајакнување на арсеналот додека државите што се граничат со Русија, како Полска, Балтичките држави и најверојатно Романија, доброволно се согласуваат да ги прифатат американските воени капацитети. Истовремено, САД ќе направат простор за да можат да изградат доволен арсенал за да ја предизвикаат Кина додека Пекинг стратегиски избегнува да влезе во такви договори за вооружување и продолжува да ја зајакнува одбраната во Западен Пацифик.
Идеолошката димензија на натпреварот меѓу големите сили ќе се одигра посуптилно. САД ќе одговорат на предизвикот во натпреварот со оската меѓу Кина и Русија, но ќе се потпираат на невообичаени тактики и еден прилично едностран курс со кој ќе ризикуваат да загубат многу од сојузничките средни сили кои им се потребни на нивна страна. Со поделениот западен фронт и со тоа што САД повеќе ја немаат улогата на бранители, а во некои случаи дури се и противници на повоениот систем заснован на правилата за одржување на светскиот поредок, Кина ќе најде простор кај средните сили да ја ублажи офанзивата на САД. Покрај тоа, технолошки ориентираната форма на дигитален авторитаризам кој Кина го практикува за да управува со внатрешните работи и да извезува стоки во светот ќе им даде убедлива алтернатива на силите со автократски тенденции кои се загрижени за либералните политички услови што традиционално следуваат со партнерството со Западот.