Нов лежечки „полицаец“ е поставен пред општинското основно училиште „Јан Амос Коменски“, чија цел да ја намали брзината на возачите, кои не водат сметка дека тука поминуваат деца. Од општината Карпош велат станува збор за потег на кој секојдневно има зголемена фреквенција на возила и минувачи.
– Локалната самоуправа, со почетокот на учебната година, воведе и дополнителни мерки за зголемена безбедност на учениците. Се задолжија лица од административно-техничкиот кадар на училиштата да ги насочуваат децата и да ги застануваат возилата, при доаѓање, пред почетокот на наставата, за одморите и при заминување на учениците. Во тек е поставување лежечки „полицајци“ и пред училиштата „Христијан Тодоровски-Карпош“, „Димо Хаџи Димов“, „Војдан Чернодрински“ и „Братство“ – информираат надлежните од Карпош.
Од општината апелираат до возачите за почитување на поставената сигнализација, бидејќи велат дека сите сме одговорни за безбедноста во сообраќајот.