Откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Билјана Стевковска-Савиќ

Секое случување е симбол, и бидејќи е тој во своето претставување совршен по себе, упатува на сé друго.
Гете

Леа се всели во новиот стан на најгорниот кат од комплексот згради наречен „Градот на вода“. Таму сите станови личеа еден на друг, мали, од едната страна свртени накај реката, а од другата имаа балкони над сервисната улица што извираше под тунелот, раскошно зеленило полно со живот. За некого тоа беше прекрасно место за живеење, за некого зандана. Сѐ зависеше од состојбата на умот.

Леа беше многу среќна. Ѝ се исполни една животна желба, да има дом, кој целосно ќе ѝ припаѓа нејзе. Тука го наоѓаше мирот по секојдневната канцелариска работа и оптовареноста со енергијата на другите. Бегаше во луксузот на осаменоста, автентичноста на имиџот на домот и уникатноста на сопствената приказна за него. Станот го уреди со посебно внимание. Како што најчесто и се случува, ентериерот личеше на неа. Во уредувањето на домот таа гледаше ментална слобода и живот по свое. Леа беше сестрана личност. Умот ѝ работеше во многу различни полиња. Таков беше и домот – измешани стилови, детали, спомени од сѐ и секаде. Мебелот модерен, бел, удобен, како облаците кога ќе ги облее сонце. Во еден агол од дневната соба беше сместена арт-деко седалката дополнета со сатенско украсно перниче. Полиците натежнуваа од мали врамени фотографии, спомени од летувања, прослави, дружења. Комодата рустична, во натур-дрво. Но вистинско уживање даваше визурата што низ големите прозорци се отвораше во далечина. Таму се наѕираа планините, а сонцето се појавуваше и се криеше давајќи сјај и толку многу бои. Навечер, лисјата од липата ги допираа прозорците правејќи сликовидни сенки пуштајќи топлата светлина однатре да се пробие во темнината на ноќта. Посебно ги сакаше утрата кога покрај отворениот прозорец го испиваше првото утринско кафе. Богатите утра на доцната пролет ги мешаа миризбите на расцутените липи и на кафе, а тоа во неа воскреснуваше чудесен внатрешен свет и ѝ создаваше пријатно чувство.

Така беше и тоа утро. Знаците на летото беа сѐ поочигледни. Додека уживаше во пиењето кафе, од балконот преку отворената врата допираше мирис на расцутените сардели, кои во слапови се прелеваа од жардиниерите. Леа ги сакаше цвеќињата и постојано чепкаше околу нив. Како што времето се затопли, го изнесе и големиот бенџамин на балконот. Во аголот закачи висечки садови со разновидни кактуси насадени во песоклива почва покриена со камчиња собрани од плажата во Пефкохори. Пријатна сенка правеше тендата што претходниот ден ја монтираа мајсторите. Се намачија, работеа цело утро, испија гајба пиво, но, ете, тендата како шаторот на Мурат се гледаше оддалеку, а правеше и пријатна сенка кога сонцето ќе запечеше.
Убавината однадвор влегуваше внатре, во домот, во Леа.

И одеднаш, трас… Големата цевка од конструкцијата на тендата се откачи и падна надолу. Како некој да ја крена завесата на сцената на која се очекува трагична претстава. Сончевите рефлектори се вжаруваа и стрелаа право кон дневната соба каде што седеше Леа, а од далечина како да се слушаше застрашувачкиот звук на сирени. Леа се стаписа. Сигурно цевката паднала право на патеката и повредила или уште пострашно отепала некого, неколкумина.
Кој би рекол дека ужасот доаѓа во миг, а ја носи една обична цевка од тенда.
Се урна вратата на спокојот.

Леа погледна кон стаклото од балконската врата, а таму се здогледа себеси. Но не, тоа веќе не беше таа. Лицето ѝ беше искривено во страшна гримаса, проѕирно бледо, а очите ѝ беа две боцкави чички. Во жилите го чувствуваше силното удирање на сопственото срце. Врелината што ја задушуваше се претвораше во студена пот. Се прашуваше – што да правам? Ѝ се јави на мајка ѝ. „У… у… отепав човек…“ Мајка ѝ збунето поткашлуваше во телефонот. Не можеше да ѝ го препознае гласот. „Леа, ти ли си? Кој ли ова невкусно се шегува? Ало, кој е тоа?“ Но Леа немаше време повеќе да објаснува. Го фрли телефонот од рака и се стрча надолу.

Надвор, ветерот ѕвечеше со метален звук и носеше жолта цветна прашина од расцутените липи, која се лепеше насекаде разлигавена од жешкиот воздух фрлан од возилата.. Стела знаеше по воздухот дека нешто лошо се случило. Покрај неа минуваа безизразни лица и парталести марионети. На блиската клупа седеше старец и читаше весник. Лицето му го покриваше сенка од голема сламена шапка. Додека Леа чекореше кон местото на „злосторството“ ѝ стануваше сѐ пожешко. Чувствуваше како сонцето директно да ѝ го пече мозокот. Светлината ѝ ги бодеше очите, а и лисјата на дрвјата се накострешуваа. Рацете и нозете не можеше да ги контролира. Целата се тресеше и тешко дишеше. Широките ригести панталони млитаво ѝ се вееја и удираа околу нозете и сѐ повеќе ѝ личеа на затворска униформа.

Сега. Сега уште е потребно да го најде местото. Во тревата под нејзиниот балкон ја здогледа металната цевка. Во близината немаше ни човек, ни брза помош, ни полиција. Ако не најде ништо, ќе се преправа како случајно да шета во тој правец и полека ќе тргне накај дома. Старецот што го виде пред малку сѐ уште седеше на клупата. Сега можеше да види дека на неговото лице нема траги од вознемиреност. Спротивно, тој спокојно дремеше. Преобразената стварност полека повторно почна да се враќа во вистинската форма. Леа чекореше полека кон топлината на својот дом. Можеше да заборави сѐ што ѝ се случи. Но не заборави. Беше осудена на болно сеќавање.