Германските разузнавачи се двоумат дали да ја надгледуваат Алтернатива за Германија (АФД), но неонацистичките идеи се присутни во партијата
Досието беше подготвено за националното раководството на десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија (АФД). Тоа нуди цврсти докази дека локалниот разгранок на партијата во Берде во сојузната држава Саксонија-Анхалт има сериозни антидемократски тенденции. Документот детално опишува „нагло зголемување на ултрадесничарска и екстремистичка содржина“ во објавите на Фејсбук на членовите од партијата АФД во Берде. Тие варираат од антисемитски поплаки („Америка и Евреите се најголеми непријатели на Германија“) до илузии за убивање бегалци или на лидерите на владејачките социјалдемократи, како бившиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел („Гнасни свињи како него треба веднаш да се убијат“). Дури и постојат апели до една поекстремистичка група, Националдемократската партија на Германија, „да стори нешто“.
Федералното раководство на АФД има намера да преземе чекори, но намерата е малку задоцнета. Екстремистичките активности на десницата од изминатата година во Берде, кои локалните лидери на АФД ги толерираат и прикриваат, им се познати на националните челници на АФД. Лани разгранокот во Берде требаше да се затвори, но како што обично се случува, внатрепартиската арбитражна комисија ја блокира мерката. Сега, федералните лидери на партијата работат на случајот. Тие сакаат да го затворат разгранокот и да ги отстранат лидерите од партијата.
Челниците на АФД доцна сфатија дека борбата против екстремистичките елементи во партијата е од клучно значење за опстанок, а функционерите се под притисок на германскиот безбедносен апарат како никогаш досега. Пет години откако беше формирана партијата, политиколозите и самите политичари бараат АФД да биде надгледувана од германските безбедносни агенции. Ако важи истиот критериум како одлуката од 1990-тите да се следи ултрадесничарската партија Републиканци, тогаш таквото следење одамна требаше да почне.
Сепак, АФД нема само еден ултрадесничарски проблем во малите разграноци во Источна Германија. Некои екстремисти се стекнаа со лидерски позиции во АФД што доведе до тоа функционерите да ја игнорираат или активно да ја поттикнуваат радикализацијата на партијата. Стана премногу очигледно дека некои од најистакнатите политички лица во партијата целосно ѝ го свртија грбот на дипломатијата.
Колидерот на партијата, Александар Гауланд, јавно се залага за „системска промена“ во Германија и изјави дека сака „да го собори од власт“ секој што ја поддржува канцеларката Ангела Меркел. Лидерот на АФД во Бранденбург, Андреас Калбиц, одамна е во десничарските кругови и ужива да ја предизвикува јавноста со неонацистички провокации („Оние што не ја сакаат Германија треба веднаш да ја напуштат државата!“).
Но најистакнат ултрадесничарски екстремист е локалниот лидер Бјорн Хоке, кој Меркел ја нарече „диктаторка“ и напиша книга во која го претскажа новиот почеток за Германија со моќно лидерство. Со луѓе како Хоке не е чудо што јадрото на АФД не е заинтересирано да ја ублажи реториката. Единственото прашање е зошто властите толку долго се двоумеа.
Левичарските политичари одамна бараат АФД да биде под официјален надзор. Откако функционери од партијата беа забележани како маршираат низ источногерманските градови Кемниц и Кетен со ултрадесничарските екстремисти, барања за надзор почнаа да стигнуваат и од владејачката Демохристијанска унија (ЦДУ) на Меркел. Томас Штробл, министерот за внатрешни работи во Баден-Виртемберг, вели дека „АФД има ултрадесничарски тензии“.
Но Штробл истакнува дека одлуката дали АФД да биде под надзор мора да биде донесена од Федералната служба за заштита на Уставот (БФВ), односно агенцијата за државна безбедност.
АФД претставува посебен проблем за БФВ. Првично формирана како буржоаска партија основана од група евроскептични професори постепено се претвори во антиисламска, антиимигрантска чадор-организација, која еднакво ги привлекува послушните граѓани и радикалците. Наскоро партијата ќе има места во секој сојузен парламент и е најмоќната опозициска партија во федералниот парламент во Берлин. Неодамна освои и 10 отсто од гласовите на баварските сојузни избори. Пред изборите, колидерката на АФД, Алис Вајдл, неколку недели водеше кампања во Баварија. Во едно обраќање, таа зборуваше за периодот кога била студентка по економија. Кратко пред обраќањето, таа седеше на сцената додека локалниот кандидат за пратеник ги навредуваше „црнците“ во областа, велејќи дека му било страв да не му пренесат некаква зараза кога кашлаат, зашто било познато дека пренесуваат болести како СИДА, шуга и туберкулоза. На снимката од настанот објавена од АФД се гледа како Вајдл се смее за време на говорот. Подоцна таа тврдеше дека не слушнала расистички коментари. Вајдл беше претставена како „можната идна кандидатка за канцелар“.
До крајот на годината се очекува да биде донесена одлука дали АФД да биде ставена под целосен или делумен надзор на БФЛ или воопшто да не се надгледува. Законот вели дека „мора да постојат реални докази за обиди против либералниот демократски поредок“. Сомнежите не се доволни. Исто така, антидемократските поплаки не можат да потекнуваат само од неколку непријателски членови. За државата да надгледува една политичка партија, екстремистите мора да имаат „значително влијание“. Можеби ова звучи претерано, но во минатото, разузнавачите следеа една ултрадесничарска екстремистичка група позната како Републиканци поради сличен престап. Во еден од разузнавачките извештаи од 1994 година се вели дека „нивните функционери зборувале за наплив на странци“ што би можело да доведе до „постепена дегерманизација на Германија“. Истото може да се каже и за АФД. Нејзините лидери предупредуваат за насилна промена на етничкиот состав на населението. Тие ги нарекуваа бегалците „натрапници“, германската влада „режим“ и за нив „Третиот рајх не е ништо друго освен една мала дамка врз германската историја“.
Истражувачот на екстремизмот Штефан Кајлиц вели дека властите предолго ѝ дозволиле на АФД да прави што сака, а денес речиси сите локални разграноци во Источна Германија биле поврзани со ултрадесничарскиот екстремизам. Според него, ставовите на најконзервативното крило на АФД се залагаат за етнички и културно чиста германска нација, идеја за која нема простор во германскиот устав. Повеќето експерти по уставно право се согласуваат со тоа.
Но националните разузнавачи се двоумат. Тие најмногу стравуваат од жалби на АФД, особено зашто Уставниот суд постави високи препреки за надзор на претставниците во парламентот. Ако АФД победи во правиот процес, тоа ќе биде поразително за БФВ.
По десничарските протести во Кемниц, АФД беше принудена да преземе чекори. Партијата беше обвинета дека соработувала со неонацистите, а Владата размислуваше дали да ја стави под формален надзор. Поради тоа АФД формираше петчлена комисија. Но нејзината задача не беше да ги искорени ултрадесничарските елементи, туку да подготви стратегија како да се ослободи од притисокот на властите.