Фото: Игор Бансколиев

Министерството за образование и Синдикатот за образование вчера излегоа со спротивставени информации за првиот училиштен ден. Министерството ги повика наставниците денеска да почнат со настава и да ги прифатат учениците, а од Синдикатот порачаа дека штрајк ќе има и дека наставниците денеска нема да ги прифаќаат децата, а дека од вторник ќе има редовна настава. Родителите и
учениците се збунети, бидејќи не знаат кого да слушаат

Родителите и учениците се збунети и не знаат дали денеска да одат во училиште, бидејќи надлежните им упатија спротивставени пораки за одржувањето на првиот училиштен час. Министерството за образование и наука (МОН) вчера ги повика наставниците и вработените во училиштата денеска да почнат со настава и да ги прифатат децата, додека Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) уште еднаш порача дека еднодневен предупредувачки штрајк ќе има и дека наставниците денеска нема да ги примаат учениците.

– Родителите да не ги носат денеска децата на училиште, затоа што настава нема да има – нагласи Јаким Неделков, првиот човек на СОНК, кој штрајкува поради ниските плати на наставниците.

Тој вчера на прес-конференција истакна дека СОНК бара платите да се зголемат за 25 отсто, а не само за пет отсто, како што беше најавено неодамна.

– Наставниците денеска ќе дојдат во училиштата, ќе бидат во просторија што ќе биде одредена за штрајк и нема да извршуваат никакви активности во однос на прифаќање ученици и реализирање воспитно-образовен процес. Нема да има прозивка на ученици, нема да има водење евиденција за присуство и отсуство. Ако децата дојдат, наставниците нема да ги прифатат и во таков случај родителите ќе се најдат во непријатна ситуација – вели Неделков.

Тој бара од родителите да имаат разбирање за тоа што го прави СОНК.
– Ова ни е многу важно, ова што го правиме не го правиме само за себе и платите на наставниците, туку ова е во интерес и на учениците. Со подигнување на социјалниот статус на вработените, се добиваат помотивирани и поквалитетни наставници, а со тоа и позадоволни родители во однос на едукација – додава Неделков.
СОНК бара наместо најавеното зголемување од пет отсто, тоа да биде 25 отсто. Тоа значи дека наместо сегашната плата од околу 21.000 денари месечно, таа да изнесува околу 25.000 денари.

– До денес не најдовме заедничко решение, ниту има некакво приближување на ставовите со министерот Арбер Адеми. Тој вели дека немаат предвидено пари во буџетот за 2019 година, за да можат да го исполнат нашето барање. Има многу отворени прашања. Ако не успееме да издејствуваме ништо до крајот на годината, тогаш бараме зголемувањето од 25 отсто да стартува од 1 јануари 2020 година – појаснува претседателот на СОНК.
Според него, на трети септември ќе има редовна настава, предвидена со училишниот распоред. Сите наставници ќе бидат на своите работни места. Штрајкот ќе трае еден ден, но до крајот на септември ќе има преговори со МОН за зголемување на платите од 2020 година за 25 отсто.

– Платите во образованието се под достоинството на професијата. Највисоката плата на професор е 21.600 денари. Во средно платата е 22.500 денари. Тоа е далеку под националниот просек, кој е 25.500 денари, а ова е една од најважните дејности во општеството – вели Неделков.
Од друга страна, министерот за образование и наука Арбер Адеми вчера на прес-конференција во Владата ги повика наставниците и вработените во училиштата утре да почнат со настава и да ги прифатат децата.

– Не се сеќавам дека некогаш се организирал штрајк во земјава кога имало одлука за покачување на платите. Ние како влада работиме на подобрување на материјалниот статус на просветните работници, како и на условите за работа и учење на децата. Изминатава година платата на наставниците се зголеми за десет отсто за разлика од лани. Отворени сме за преговори со СОНК, а се разгледуваат можности за ново покачување на платите в година. Штрајк се организира кога нема услови, а ние велиме има услови за понатамошно ново покачување на платите. Затоа апелирам сите наставници, директори и вработени во училиштата да се подготват за утрешниот прв училиштен ден, кој е многу важен за првачињата – изјави Адеми.

Родителите не знаат како да постапат поради спротивставените ставови на надлежните. Тие се збунети, бидејќи некои од нив добиваат пораки од наставниците на нивните деца да ги однесат децата на училиште, а на други, пак, им се укажува да не ги носат, бидејќи нема да има настава.

„Официјално, утре нема да започне учебната година, бидејќи се приклучуваме кон предупредувачкиот штрајк на наставниците. Првиот училиштен ден ќе биде во вторник, по што наставата ќе се одвива нормално“, ваква порака испратила наставничка до родителите во едно скопско основно училиште. Во друго скопско училиште, пак, родителите добиле спротивна порака: „Почитувани, в понеделник вашите деца, а наши ученици, да дојдат во училиште во истата училница од 7.30 часот до 9.30 часот“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Филипче: Неделава ќе се одлучува за невакцинираните првачиња

Оваа недела инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги проверуваат вакциналните картони на децата чии документи се поднесени за упис во прво одделение. Мора да знаеме колку такви дечиња се вкупно на број, па потоа ќе видиме што ќе правиме и какви мерки ќе преземеме, изјави за „Нова Македонија“ министерот за здравство Венко Филипче.
– Една од опциите е теренска вакцинација, но не можам да тврдам. Мора прво да видиме за колку деца се работи. Според моите информации, бројот не е голем. Независно од тоа, прво да видиме што имаме, па потоа ќе одлучуваме што понатаму – вели Филипче.
На ниво на држава има околу 200 деца на возраст до 14 години што не ги примиле задолжителните вакцини. Поради епидемијата на морбили, во мај Владата донесе одлука само вакцинираните да можат да се запишат на училиште. Оние што не се вакцинирани поднесуваат документи за упис, но дали ќе бидат примени и дали треба да појдат на училиште, останува да одлучат двете надлежни министерства.


Учебна година со многу новини и промени

Новата учебна година започнува со низа промени и новини што се дел од новиот закон за основно образование, кој веќе е во сила. Оваа година се воведува професионална ориентација, односно училиштето ќе има улога да им помага на родителите и на учениците при изборот на средното училиште, во согласност со особеностите, способностите и афинитетите на учениците.
Промени има и во однос на храната во училиштата. Фирмата-оператор со храна и понатаму ќе се избира на тендер. Во законот стои дека директорот на основното училиште ќе биде должен да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта, за забележаните неправилности да ги извести надлежните служби веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите. Советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали во основното училиште оброците се во согласност со стандардите за исхраната. Инспекцискиот надзор за следење на утврдените стандарди за исхраната и за оброците во основните училишта го вршат Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд.
Во законот стои дека ќе се реализира и т.н. државно тестирање, кое ќе го спроведува Државниот испитен центар. Сите ученици ќе ги полагаат овие тестови. Директорот е должен да ги обезбеди условите за државно тестирање и регуларноста на тестирањето. Она што е важно е дека резултатите од државното тестирање не влијаат на оценките, односно на општиот успех на учениците.
Од оваа година, повеќе ќе се слуша и гласот на учениците. Ученичкиот активизам значи ученичко организирање на ниво на паралелка и на училиште. За организирано остварување на интересите на учениците во основното училиште се организираат во заедница на паралелка и ученички парламент. Ученичкиот парламент го сочинуваат претседателите на заедниците на паралелките. Првото свикување на ученичкиот парламент го врши директорот на училиштето. Ученичкиот парламент активно учествува во застапувањето и промовирањето на правата и интересите на учениците, го промовира ученичкиот активизам, учествува во подготовката на годишната програма за работа, дава предлог-активности за годишните програми за екскурзии, дава предлози за воннаставни активности на училиштето, како и предлози за подобрување на ученичкиот стандард.
Учениците ќе учествуваат и во оценувањето на работата на училиштето, а преку свои претставници учествуваат и во советот на родители и наставничкиот совет. Претседателот на ученичкиот парламент е и ученички правобранител, кој се грижи за заштита и унапредување на правата на учениците во училиштето.