Според извештајот на британското биро за истражувачко новинарство, „Секој здив се брои“ и невладината организација „Пут“, дваесетина земји во светот во моментов се соочуваат со сериозен недостиг од медицински кислород, а ваквиот проблем се заканува да предизвика целосен колапс на повеќе здравствени системи на глобално ниво
Нов глобален проблем како последица на пандемијата на ковид-19
Додека низ светот бројката на хоспитализирани во ковид-центрите полека се стабилизира и се чини дека пандемијата ги задава последните удари, дваесетина земји од друга страна се соочуваат со сериозен недостиг од медицински кислород, а тоа се заканува да предизвика „целосен колапс“ на нивните здравствени системи, но и пошироко. Ова, меѓу другото, се заклучоците од анализата спроведена од британското биро за истражувачко новинарство, кое ги проучуваше податоците на коалицијата „Секој здив се брои“ и невладината организација „Пут“ за пристап до здравствена заштита, пренесува британскиот весник „Гардијан“. Според анализата, Индија, Аргентина, Иран, Непал, Филипини, Малезија, Пакистан, Аргентина, Костарика, Еквадор и Јужна Африка се сметаат за најранливи откако од март, па досега регистрираа нагло зголемување на побарувачката на медицински кислород од најмалку 20 проценти. Тие држави вакцинирале помалку од 20 проценти од својата популација, стои во документот.
Во исто време постои загриженост дека други азиски земји, како Лаос, се во опасност, како и некои африкански земји, вклучувајќи ги Нигерија, Етиопија, Малави и Зимбабве, кои имаат помалку разработени системи за испорака на медицински кислород, наведува британскиот весник и додава дека само мал пораст на побарувачката може да создаде големи проблеми.
– Многу од овие земји се соочија со недостиг од медицински кислород пред пандемијата – изјави Лит Гринслејд, координаторка на коалицијата „Секој здив се брои“. Таа додаде дека состојбата од минатата година во Бразил и во Перу, и повторно во јануари годинава, требаше да биде повик за тревога.
Глобален недостиг од кислородни концентрации
Во меѓувреме Тедрос Адханом Гебрејезус, генералниот директор на СЗО, на истава тема неодамна истакна дека многу земји во моментов се соочуваат со тешкотии да набават кислородни концентрации. Според него, побарувачката ја надмина понудата во моментов, а тоа може да предизвика сериозни импликации врз здравствените институции, во кои на инфицираните пациенти од ковид-19 им е потребна кислородна поддршка за борба против болеста.
– Здравствената агенција набави 14.000 кислородни концентрации од производителите и планира да ги испрати во 120 земји во наредните недели – изјави Тедрос. Тој додава дека дополнителни 170.000 концентрации вредни околу 100 милиони долари треба да бидат достапни во текот на наредните шест месеци. Паралелно на сево ова, како што наведува „Гардијан“, во меѓувреме случаите во светот надминаа 168 милиони заболени, а СЗО очекува бројот до крајот на неделава да ја надмине и бројката од 170 милиони заболени лица.
Кревките здравствени системи најподложни на проблемот
Роберт Матиру, претседател на работната група за итни случаи со кислород при ОН, изјави дека проблемот ќе биде драматичен во иднина, особено за земјите со кревки здравствени системи.
– Можевме да видиме тотален пад на здравствените системи, особено во државите како Индија со многу кревки системи – вели Матриу.
Инаку според извештајот, болниците во Индија периодов објавија значителен недостиг од медицински кислород додека земјата се бори со својот втор смртоносен бран. До средината на мај, на Индија ѝ беа потребни дополнителни 15,5 милиони кубни метри медицински кислород на ден единствено за пациентите заболени со ковид-19, но не и за преостанатите. Сепак, експертите со кои се правени консултации во анализата се загрижени и за соседите на Индија, како што се Пакистан, Непал, Бангладеш, Шри Ланка и Мјанмар, при што некои од нив се потпираат на медицински кислород и опрема произведени токму во Индија.
– Можете да замислите ако кулминацијата на заразата почне во ист период во сите околни земји, тогаш ситуацијата ќе биде драматична и уште полоша, бидејќи на Индија ѝ е потребна целата понуда што впрочем таа ја произведува – рече Захари Кац, потпретседател на организацијата за есенцијални лекови во Њу Делхи.