Ловџиското куче може да има два вида недостатоци или мани. Едните се вродени,
односно наследни во обликот на телото, а другите недостатоци се во навиките и во
однесувањето

Наследните недостатоци или мани во обликот на телото кај ловџиското куче можат да бидат во забите, главата, очите. За овој вид недостаток пресудна е генетиката и тука не може многу да се коригира. Во развојот на кучешкото тело може многу да се влијае во позитивна, но и во негативна насока. Со правилна исхрана и со разновидна физичка активност, ловџиското куче ќе добие убаво развиено тело, а во спротивно со слаба исхрана и доколку постојано е врзано со синџирот, тоа ќе има неубави телесни облици на телото.

Наследните недостатоци во навиките и однесувањето на кучето можат да бидат немање доволно темперамент, слабо чувство, слаб стоечки став, страв од истрели. Во коригирањето на наследните недостатоци ловџијата е немоќен.
Стекнатите мани кај ловџиските кучиња, пак, се растерувач на дивечот, дивеење, истрел(и) од кои се плаши, лош апортер, непослушно и исплашено куче. Тие недостатоци ловџијата може да ги исправи, ако кучето не е престаро и ако не изминал долг период откако ги стекнало тие лоши навики.

Со растерувачот на дивечот мора упорно да се повторуваат вежби на долга и цврста основа и да се принудува при секоја положба на дивечот, ловџиското куче да легне и да остане извесно време во таа положба. Најголемиот недостаток кај ловџиските кучиња е стравот од истрели. Кучето штом ќе го види ловџијата како ја крева пушката веднаш безглаво ќе побегне и нема да се врати сѐ додека ловџијата не дојде по него. Но секое казнување на кучето со ваков недостаток, ја прави оваа мана уште поголема. Ако се работи за наследни недостатоци, тогаш ваквите кучиња треба да се отстранат од понатамошно парење. Овој недостаток може да биде и стекнат, а за тоа зборува фактот дека по извесно време кучето станало чувствителнo и плашливo на истрели од оружје, а така не било дотогаш. Обично ова може да се случи во текот на ловот, во услови на лошо време, кога има силни грмотевици или кога гром ќе удри во близината каде што стои кучето. Овој страв може да биде непријатен и многу долго да го има ловџиското куче. За среќа на ловџијата, со чести вежби, тоа може да се ослободи од овој страв.

Ослободувањето од страв од истрели од оружје најчесто се одвива во три фази. Првата фаза е во неговиот тренинг да се користи воздушна пушка. Со кучето треба да се отиде во заграден простор и да се држи на кратко растојание со синџир, а потоа од воздушната пушка да се истрела еден куршум во воздух. Веќе кај подигнувањето на пушката, ако тоа го види, кучето ќе почне бурно да реагира и ќе се обиде да се оттргне и да побегне. Меѓутоа, бидејќи е со синџир прицврстено, тоа нема да му успее и тогаш е потребно ловџијата да го милува по грбот за да се почувствува посигурно. Ваквиот тренинг треба да се повтори неколку дена во низа. Кучето постојано треба да се смирува, милува, да се игра со него, а притоа секој пат должината на неговиот синџир треба да се продолжува по малку, сѐ додека целосно не се одврзе кучето. Воздушната пушка не произведува бучен истрел и кучето на него брзо ќе се навикне, а полека ќе го изгуби и стравот од кревањето на пушката.

Втората фаза е користење на пиштолот марка „флоберт“, чиј истрел е побучен од воздушната, а сличен на ловџиската пушка. Постапката е слична како со воздушната пушка, со таа разлика што при секој истрел треба да се фрли и гумена макета на гулаб или дива патка, за кучето да ја донесе кај ловџијата.
Третата фаза од овој тренинг се прави со вистинска пушка и со што е можно послабо полнети патрони. Притоа не е лошо ловџијата да има свој помошник, кој ќе ги испалува тие патрони, но така што истрелот ќе се слуша помалку, а ловџијата ќе ја повторува постапката на смирување, милување и повторно со фрлање гумена макета, која кучето треба да ја донесе по наредбата за апорт.

Дури по процената дали ловџиското куче се ослободило од стравот во заграден простор, треба да се однесе во лов. И тогаш потребно е ловџијата да се труди кучето при првиот истрел да го види пленот и да тргне кон него, а ако има и други кучиња со него, тие треба да се оневозможат да стигнат до отстреланата цел пред неговото куче. Откако целосно ќе се ослободи ловџиското куче од овој несакан страв, може од него да се бара и да легне при пукање и во таа положба да ја почека командата за апорт. Во групниот лов ваквото куче секогаш ќе оди зад петиците на ловџијата и нема многу весело да трча по дивечот иако веќе не покажува страв од пукање. Но во поединечниот лов ваквите кучиња можат да бидат одлични, но само оние што целосно го надминале стравот од истрели.


Промена на патеката за „Мушичарска лига 2018“

Поради високиот водотек на реката Радика и на реката Треска (МРФ нема добиено согласност од ЕЛЕМ за низок водотек за одржување натпревар на реката Треска), УО на Македонската риболовна федерација (МРФ) по предлог од Натпреварувачка секција за спин и мушица, одлучи да се промени натпреварувачката патека за првото и за второто коло од „Мушичарска лига 2018“ и првите две кола да се одржат на реката Сатеска на 22 април годинава.
Точната локација на реката Сатеска е помеѓу селото Издеглавје и селото Арбиново, почетокот на патеката е кај црквата „Света Софија“ во селото Издеглавје. Собирно место ќе биде мостот на реката Сатеска на локалниот пат кон селото Издеглавје, до кој се стигнува по регионалниот пат Кичево – Охрид. На 5 км по поранешна Починка се врти лево кај знакот за селото Издеглавје и на 500 метри по локалниот пат се стигнува до собирното место. Оттаму во колона натпреварувачите заедно со судиите ќе се упатат до патеката што се наоѓа на два километри од собирното место, кај црквата „Света Софија“.

 

Бојникот подобро се лови во зима отколку во лето

Кога е во прашање ловењето на рибата бојник, повеќето риболовци се согласуваат со тоа дека летото е малку полош период за негово ловење отколку зимскиот. Постојат повеќе можности за осцилација на водостојот во краток период, па во согласност со тоа, се менува и однесувањето на овој вид риба.
Изборот на мамките што ќе се користат при риболовот во лето, е ист како и во текот на зимата, меѓутоа постои разлика која доба од денот е најдобра за ловење бојник. Во лето тоа е рано наутро и доцна попладне од денот, па така треба и да се организира риболовот.
Во зимскиот период бојникот може повеќе да се улови, но тука има и одредени работи на кои риболовците треба да обратат повеќе внимание. Тревата и не е толку актуелна мамка за нив, туку лебот или црвите. За риболов на бојник, еднакво можат да се користат и мирни и побрзи делови од реката, со тоа што на мирните ќе се користи малку полесен прибор, односно тапи со помала тежина.
Ловот на бојникот е најдобар во текот на денот, но убаво е до водата да се дојде и наутро, оти може да се види каде рибата најмногу се појавува на површината на водата. На тој начин риболовецот ќе дојде и до подобра позиција за риболов.