Најмалку 18 лица беа убиени, а околу 70 се ранети во терористичкиот напад врз технички колеџ на Крим. Кримските власти соопштија дека главниот осомничен за нападот во градот Керч е 22-годишен студент, кој се самоубил по инцидентот. Во нападот била употребена и импровизирана експлозивна направа, како и автоматско оружје.
Руските власти потврдија дека експлозијата била предизвикана од бомба полна со метални шрапнели, чија цел била да предизвика максимален број човечки жртви. Очевидци за нападот за РТ изјавиле дека забележале повеќе напаѓачи како неселективно пукаат врз присутните ученици и студенти. Според првичните информации, повеќето од жртвите се малолетни ученици. Деканката на факултетот, Олга Гребењикова, изјави дека непознат напаѓач со пушка упаднал во факултетот активирал експлозивна направа и почнал да пука во сите што ги видел, по што пукал во себеси. Според Гребењикова, тела на настрадани се наоѓаат секаде во факултетот, а меѓу убиените има и персонал на факултетот.
По нападот врз колеџот во Керч, локалните власти евакуирале дел од училиштата и детските градинки во градот.