Неодамна „Гардијан“ објави подолга листа на најдобрите шекспировски филмови на сите времиња, а во продолжение ќе наброиме само десет од сите наведени наслови.
„Ромео + Јулија“ (1996)
Моќната верзија на Ромео и Јулија на Баз Лурман сѐ уште важи за објективна лекција за филмаџиите што се обидуваат да го претстават Шекспир со стил. Поставувајќи ја приказната во „Верона бич“ – футуристички преплет на Мајами и Мексико Сити, имагинативно дизајнирана од Кетри Мартин, Лурман успева да го долови насилството на бандите во претставата, како и суровиот сексапил. Леонардо ди Каприо и Клер Дејнс можеби не би поминале успешно на аудиција на „Ројал Шекспир компани“, но токму тоа е и поентата.
„Хамлет“ (1921)
Искористувајќи го нејзиниот знак од еден езотеричен академски есеј, кој се обидува да докаже дека Хамлет бил всушност жена, данската ѕвезда Аста Нилсен формира своја продукциска компанија за да го произведе овој нем филм. Ова е неверојатно дело, полно со притаени експресионистички сенки, на секој можен начин центрирани кон принцот на Нилсен – остроумен, примамливо андроген и дури и повеќе од будалест.
„Бурата“ (1979)
Оваа мистериозна Шекспирова претстава инспирирала повеќе режисери да се обидат да ги оживеат своите диви кинематографски фантазии, и можеби најдивата од нив е брилијантно необичниот научнофантастичен филм на Фред М. Вилкокс, „Забранетата планета“ (1956). Рендерот на Дерек Џермен е можеби премногу арт-скул за свое добро, но содржи многу убави нешта, како што е грубиот Просперо на Хиткоут Вилијамс и перформансот на Џек Брикет како Калибан. Вкусно претераното финале ја вклучува џез-дивата Елизабет Велш, која ја пее „Stormy weather“ со хор од морнари. Дури и Шекспир би аплаудирал на тоа.
„Ричард Трети“ (1955)
Ова е дело на Оливие што созреало како што треба. На прв поглед, оваа верзија на ран историски трилер изгледа токму како за своите 60 и повеќе години, почнувајќи од пресатурираните бои, па до музиката на Вилијам Валтон. Она што го прави лесно гледлив, сека како и тогаш, е ненапорната виртуозна изведба на Оливие како Ричард, арогантен, ироничен, дрзок, понекогаш хистеричен и насмевнато заводлив.
„Десет нешта што ги мразам кај тебе“ (1999)
Можеби не е толку брилијантен како приказот на Џејн Остин во „Изгубена“ на Ејми Хекерлинг, но обидот на Џил Џангер да направи нешто слично со Шекспир е паметен и храбар. Ова современо прераскажано „Скротувањето на фуријата“ ја има Џулија Стајлс како намуртена машкуданка, која одбива да ги следи правилата на љубовната играта, и разбушавениот Хит Леџер, кој се обидува да ја шармира и да ја натера да го прави токму тоа. Сексуалната политика тука згрозува, но Џангер сепак некако успева да ве насмее.
„Кралот Лир“ (1971)
Кога продукцијата на Питер Брук на „Лир“ се отвори на „Ројал Шекспир компани“ во 1962 година, со измачениот Пол Скофилд како лудиот крал, таа го доби своето признание за бекетското чувство на очај. Верзијата што тие ја носат на екраните девет години подоцна е уште помрачна. Со засипнат глас, со лице што личи на дрво распарчено од гром, Скофилд фрчи од лутина, но на крајот останува очајно сам. Споредниот каст (вклучувајќи ги Кирил Кјузак и Патрик Маги) е одличен, а сценографијата, во најголем дел снимана во рурална Данска, изгледа како никогаш да не била допрена од топлина.
„Макбул“ (2003)
Индиската кинематографија бележи долга историја од имагинативни шекспировски адаптации и ова е една од нив. Оваа модерна верзија на Магбет релоцирана во мрачниот Мумбаи, во криминалистичкиот свет на Вишал Бардаваж е како да гледате шкотска претстава низ филтерот на Френсис Форд Копола и градска магла. Ирфан Кан е одлично сомнителен како херој, но целото шоу е украдено од острата лејди Магбет на боливудската легенда Табу. Музиката е исто така одлична.
„Камбани на полноќ“ (1966)
Животната опсесија на Орсон Велс со Шекспир е најдобро реализирана во неговата монументална верзија на претставите за Хенри Четврти. Поставен централно на сцената, секако, е Велсовиот Фалстав, кој е далеку побезмилосен од тоа како изгледа. А освен тоа, има и голем број други одлични изведби: Кит Бакстер како принцот Хал, Џон Гилгуд како кралот Хенри и Жан Моро како љубовта на Фалстаф.
„Хамлет“ (1964)
Заборавете ги вашите Оливие и Брана, најдобриот кинематографски Данец беше Русин! Покрај тоа што е принц на советските актери, Инокентиј Смоктуновски бил херој на Црвената армија, кој поминал долго време во камповите на Сталин, и неговиот момчешки, збунет Хамлет знае многу добро како е да се биде скршен од машината. Движејќи ја камерата околу задушувачки простори, режисерот Григори Козинцев, ја претвора трагедијата во парабола за моќта и немоќноста.
„Крвав престол“ (1957)
Иако многу малку останува од драмскиот текст на Шекспир, во мајсторската интерпретација на Магбет на Акира Куросава, целата поезија е визуелна: застрашувачките порти на замокот, магливи борбени полиња, празни соби каде што само најлошото се случува. Замислувајќи ја приказната како самурајски еп, Куросава ја сведува трагедијата до есенцијалното и ја претвора во возбудливо кинематографско доживување, истовремено сосема различно од оригиналната претстава и целосно во нејзиниот дух. Тоширо Мифуно во главната улога, бревта и ’ржи како див ѕвер, а Исузу Јамада, која ја игра неговата жена, патува од отровна злоба до преплашена лудост.