Светскиот ден на книгата и авторското право по УНЕСКО се одбележа вчера во националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски – Скопје“. Пред присутните се обрати министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, шпанскиот амбасадор Емилио Лоренсо Сера, а беше прочитана и пораката на генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле.

Во пораката Алаѓозовски истакна дека книгата е врска меѓу минатото и иднината. Тој потсетува дека годинава Атина е именувана за светска престолнина на книгата.
– Ја изразуваме нашата почит кон творештвото и литературна традиција што ги постави темелите на светската книжевност. Наша недвосмислена желба е да ја прославуваме книгата заедно, со нашите соседи и со целото човештво, токму во духот на мисијата што таа ја носи како градител на мостови на разбирање и дијалог за создавање заеднички вредности и подобра заедничка иднина – истакнува министерот за култура во својата порака.
Се одржа и мини-саем на книги со мини-цени од издавачите, под мотото „Со стара хартија, до нова книга“.

И во кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ се одбележа 23 април – Светскиот ден на книгата. Читателите што ја посетија библиотеката добија цвет и книга, според стариот каталонски обичај од каде што потекнуваат идејата и традицијата за одбележување на овој ден.
Во светската порака, која беше прочитана, меѓу другото се наведува дека кај книгата се испреплетуваат слободата на изразувањето и на објавувањето, кои се соочени со предизвици, од преиспитување на авторското право и на културната разноликост преку закани за физички напади врз авторите, новинарите и издавачите во многу земји, па сѐ до нивно газење при нападите на училишта и уништувањето на ракописи и на книги.

– Наша должност е да ги штитиме овие слободи насекаде низ светот, да го промовираме читањето и пишувањето, да се бориме против неписменоста и сиромаштијата и да ги зајакнеме фундаментите за мир, но и да ги заштитиме и да ги истакнеме занаетите поврзани со книгата и со нејзините креатори – се вели во пораката на Азуле.
Атина е именувана за Светска престолнина на книгата за 2018 година, за нејзината квалитетна програма за поддршка на издаваштвото, и пристапот на книгите до целото население и до мигрантите и бегалците.

– На секој начин се обидуваме да ја популаризираме книгата меѓу читателската јавност и мислам дека успеваме во оваа намера, организираме промоции, настани, манифестации, работилници – изјави директорот на библиотеката, Марјан Петковски.
Инаку, УНЕСКО одлучи овој ден првпат во 1995 година да им го посвети на книгите и авторите. Се смета дека 23 април е земен како повод, бидејќи, на тој ден во 1616 година починале двајцата великани на светската книжевност, Мигуел де Сервантес и Вилјам Шекспир. 


Донација од книги за библиотеката во Бабино

Управата за заштита на културното наследство подари публикации на библиотеката „Ал-би“ во селото Бабино, Демир Хисар, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, 23 Април, во рамките на одбележувањето на Европската година на културното наследство 2018. Приватната библиотека „Ал-би“ е основана во 1882 година, со фонд од над 20.000 книги. На настанот присуствуваше и делегација од Управата за заштита на културното наследство, која во својата програма за одбележување на Европската година на културното наследство, а по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, ги промовира и подари досега отпечатените 40 изданија од едицијата „Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија“.
– Овие монографски публикации имаат за цел да ги доближат најзначајните археолошки локалитети, профани и сакрални објекти и природни богатства до домашната и меѓународната публика и да придонесат кон збогатување на библиографскиот фонд за културните и природните добра од нашата земја – велат од управата.
На настанот беше прочитана пораката од министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, а свои обраќања имаа Стево Степановски, сопственик и колекционер на библиотечниот материјал во библиотеката, градоначалникот на општината Демир Хисар, Марјанче Стојановски и Кристина Бицева, претставничка на Управата за заштита на културното наследство. Управата за заштита на културното наследство спроведе и работилница за учениците од ОУ,,Гоце Делчев“ од Демир Хисар и ОУ,,Браќа Миладиновци“ од селото Жван, насловена „Го идентификуваме нашето наследство (движно и недвижно)“. На работилницата, учениците на интерактивен начин се запознаа со видовите културно наследство во Македонија и со културното наследство на територијата на општината Демир Хисар. Во рамките на работилницата се одржа и квиз, каде што децата се запознаа со работата на УНЕСКО.