Во филмска франшиза „Терминатор“, злобниот робот се менува во различни човечки форми и предмети и истекува низ тесни отвори, благодарение на течниот метал од кој е создаден. Иако сегашните роботи немаат вакви способности, технологијата се приближува преку развојот на нови течни метали, кои можат да се манипулираат во 3Д-просторот со магнети.
Ако мислите дека роботот Т-1000 од „Терминатор 2: Судниот ден“, кој има способност да го менува обликот може да постои само во кошмарите, тогаш кошмарите можат да станат реалност. Истражувачите создадоа течен метал сличен на оној што го има во филмовите „Терминатор“, кој има способност да се протега хоризонтално и вертикално, а наедно има способност да ја менува својата форма, се наведува во истражувањето, објавено во „Применети материјали и интерфејси“. Во него се нагласува дека течните метали како галиум, кога се мешаат со никел или железо, всушност можат да се манипулираат во различни форми, преку употребата на магнети.
– Покрај тоа, вертикално истегнатата магнетна капка од течен метал, наречена МЛМД, може да се движи хоризонтално со половина од нејзиното тело во растворот, а другата половина останува во воздухот. Ова движење на капката личи на движење во природата на исправена амфибија – наведуваат истражувачите во апстрактот на студијата.
Ова не е првпат истражувачи да создадат метал што ја менува својата форма. Во претходни истражувања имало обиди за експериментирање со метали, кои на собна температура се во течна состојба, како галиумот и други легури. Метали што се течни на собна температура имаат уникатни својства, вклучувајќи висока спроводливост, ниска точка на топење и висок степен на промена на формата. Овие својства ги прават привлечни за употребата на меки роботи и флексибилна електроника. Со додавање магнетни честички, како што се никелот или железото, истражувачите можат да произведат течни метали со кои можат да манипулираат со магнети. Сепак, поради нивната висока површинска напнатост, повеќето магнетни течни метали можат само да се движат хоризонтално и мораат да бидат целосно потопени во течност за да избегнат формирање паста. Пастата се создава поради триење на површината со течниот метал при движењето.
Лианг Ху, Џинг Лиу и колегите сакаа да направат магнетни течни капки, кои можат да се движат хоризонтално и вертикално, без потреба да се стави материјалот целосно во течност. Лианг Ху и неговите соработници ова го овозможија со тоа што додадоа железо, никел и легура од калај во растворот на хлороводородна киселина. Овој раствор го намалува површинското триење и на овој начин преку манипулирање со помош на магнети, капката може да се истегне речиси четири пати повеќе од нејзината стандардна големина. Истражувачите исто така, додаваат дека течниот метал покажува спроводливост, со приклучување на две електроди може да се вклучи лед-светилка.
Иако робот како Т-1000, кој ја менува формата, веројатно, нема да се произведе во блиска иднина, истражувачите го истакнуваат потенцијалот за идните апликации вклучувајќи ги и роботите.
– МЛМД претставува фундаментална и перспективна платформа за течните метали. Понатамошното развивање ќе може да овозможи користење за слободно движење во вселената, кое на крајот ќе доведе до динамички реконфигурабилни интелигентни и биомиметички меки роботи во иднина – пишуваат истражувачите.