Претходната година во скопскиот регион се регистрирани околу 12.079 кривични дела, а најактивни меѓу криминалците биле крадците, кои направиле 6.255 тешки кражби во Скопје. На територијата на цела Македонија се евидентирани 10.788 тешки кражби, а оваа бројка покажува намалување на тешките кражби ако се спореди со онаа од 2017 година кога се евидентирани 11.229 тешки кражби
Повеќе од половината кривични дела што се направени во текот на минатата година на подрачјето за кое е надлежно СВР-Скопје се тешки кражби. Полициските податоци говорат дека претходната година во скопскиот регион се регистрирани околу 12.079 кривични дела, а најактивни меѓу криминалците биле крадците, кои направиле 6.255 тешки кражби во Скопје.
На територијата на цела Македонија се евидентирани 10.788 тешки кражби, а оваа бројка покажува намалување на тешките кражби, ако се спореди со онаа од 2017 година кога се евидентирани 11.229 тешки кражби. Според анализите на МВР, стапката на тешките кражби е намалена и низ годините. Според податоците од МВР, постои двојно намалување на тешките кражби од 2014 година до 2018 година, а покрај овие кривични дела од Министерството за внатрешни работи забележале и намалување на направените разбојништва.
Домови, маркети, бутици, бензински пумпи и случајни минувачи на улица се цел на крадците и разбојниците. Во првото тримесечје од годинава разбојниците имаат извршено 101 разбојништво и 2.652 тешки кражби во земјава. Кажано со други зборови, годинава тргна со најмалку 29 тешки кражби и едно разбојништво дневно.
Најчеста цел на крадците претставуваат домовите. Се напаѓаат домови на стари и изнемоштени лица или станови за кои знаат дека се празни. Во одредени случаи ги заплашуваат жртвите со оружје и ги крадат нивните вредни работи, а се користи и секоја згодна пригода да се украде некој скап накит, часовник или предмет од бела техника.
Податоците од МВР во однос на минатите години и сега покажуваат дека повеќето од кражбите се случуваат во скопскиот регион. Анализите од претходната 2018 година укажуваат дека во просек во Македонија се случуваат 29, а во Скопје 17 тешки кражби дневно. Податоците само потврдуваат дека дневниот просек на извршените тешки кражби, како во земјава така и во главниот град, се речиси намалени за половина.