Агенцијата за млади и спорт во делот на активностите за млади, како и секоја година, организираше конкурси за млади талентирани лица, оваа година на темата „100 години од животот и делото на Блаже Конески“. По тој повод, Агенцијата ги додели наградите за најдобри од конкурсите „Млади поети“, „Млади уметници“ и „Млади музички уметници“.
– Осма година по ред доделуваме награди за најдобрите млади поети и уметници, а првпат оваа година надворешна комисија одлучи и награди најдобри млади музички уметници, како дел од проектите за млади – истакна директорот на АМС, Наумче Мојсовски.
Тој додаде дека темата на конкурсот, „100 години од животот и делото на Блаже Конески“, ги зголемува важноста и вредноста на сите творби.
– Ова се мали моменти што во иднина ќе станат белег на Агенцијата за млади и спорт. Честитки за сите наградени со надеж дека сите тие ќе бидат мотив за сите млади да продолжат да творат – потенцира Ѓорѓи Тасев, советник за млади во Владата.
Претседателот на комисијата, Христо Петревски, истакна дека победничкиот поход карактеристичен за спортистите беше двигател во брзината и квалитетот на целокупниот процес на реализација на проектите за млади таленти, кај кои изостанувале песимизам и дневнополитички теми, а изобилувал со квалитет и желба за творење.
– Чест и задоволство е да се видат млади лица, кои секој на свој начин даде свој придонес во одбележување на 100-годишнината на ликот и делото на Блаже Конески – вели тој.
Доделени се вкупно 14 награди во три категории. Во категоријата „Млади уметници“ во категорија од 15 до 20 години, за сликарство се наградува Душан Цветков (11), со делото „Блаже Конески“, за фотографија се наградува Kaja Тасевска (6) со делото „Родната кука на великанецот“, за анимиран филм се наградува Никола Димов. Во категорија од 21 до 29 години, за сликарство е наградена Арбина Емини, за графика Ана Трајковска, за фотографија Ирина Крстевска за делото „Духот на тешкото“. Во категоријата „Млади музички уметници“, за класична музика се наградува Филип Иванов, за популарна музика се наградуваат Стефанија Александар Ристовска и Стефан Дуковски со делото „Да не беше тој“. Во категоријата „Млади поети“, од 15 до 20 години, првонаградена творба е „Наслутување“ од Александар Анѓелковиќ, второнаградена е „Во ноќта на небесата светната твојот поглед го барам“ од Андреј Анѓеловиќ, а третонаградена творба е „Има време“ од Хава Куртиши. Во категоријата од 21 до 29 години, првонаградена е творбата „Бурата која нема глас“ од Никола Наумовски, второнаградена е „Вдомување“ од Радица Стојановска, а третонаградена е творбата „Без наслов“ од Дона Заревска.