Веднаш по пристигнувањето во Киев, неколкумина навивачи на Ливерпул од заседа биле нападнати од група од дваесетина маскирани хулигани во близината на Олимпискиот стадион, кои дејствувале како „глутница кучиња“, информираа англиските медиуми.
Нападнатите навивачи облеани во крв и со исеченици на главите и лицата, спас и засолниште побарале во блиските ресторани, користејќи ги масите како штит. Набргу пристигнала полицијата и уапсила двајца од напаѓачите.
Украинците за безбедноста на повеќе десетици илјади навивачи на Ливерпул и на Реал, кои вчера и денеска пристигнуваа во Киев ангажираше голем број полицајци и над 3.000 припадници на специјалните сили.
Навивачите на Реал и на Ливерпул добија по 16.500 влезници за вечерашниот натпревар, но исто толку, можеби и повеќе допатуваа без билети и тие мечот ќе го следат на големите видеобимови, во рестораните и во кафеаните во Киев.
Стотици навивачи на Ливерпул не успеаја вчера да пристигнат во Киев поради откажувањето на три авионски лета. Причината за тоа била неможноста на Украинците, односно на вработените на аеродромот „Бориспол“ да се справат со наездата од чартер-летови. Компанијата што ги организирала летовите најави дека на навивачите ќе им ги врати парите за аранжманите што чинат над 1.200 евра.
Во целата работа се замеша и градоначалникот на Ливерпул, Џое Андерсон, кој вети дека ќе најде начин навивачите некако да стигнат навреме на мечот во Киев.