Моника Мотеска, уметница
Моите дела се всушност мојот поглед за животот и смртта, за тивкото пропаѓање, но и пресоздавање. Делото „Предизвикувач“, кое е изложено во МСУ, можеби изгледа дека провоцира со тоа што женското тело го поставувам меѓу ножеви. Меѓутоа тоа кажува колку телото (жената) е истовремено ранливо и силно, вели Мотеска
Делата „Ахилова петица“ (1998) и „Предизвикувач“ (1999) на македонската уметница Моника Мотеска, изложени во МСУ во Скопје, се дел од изложбата „Родови перцепции“, која прикажува дела на некои од најзначајните жени уметници од Македонија и од Велика Британија. Посетителите до крајот на август имаат можност да го видат светот низ перцепциите на уметниците, вклучувајќи сличности и разлики во изборот на делата на некои од најпознатите британски и македонски уметници што зборуваат за женските прашања денес.
Минатата недела во прилогот за култура ЛИК објавивме интервју со британската уметница Абигејл Лејн, чие дело е исто така дел од изложбата во МСУ, а во овој број го поместуваме интервјуто со нашата Моника Мотеска, која одговара на речиси истите прашања, со намера паралелно да прикажеме два женски уметнички света со сите свои сличности и разлики.
Како знаевте дека сакате да станете уметница? Дали тоа постепено го спознававте, или одеднаш?
– Моето детство на некој начин беше испреплетено со уметност. Не потекнувам од семејство на уметници, но моите родители ми ја всадија таа љубов и бескрајно сум им благодарна што несебично ме поддржаа. Да играш во парк во Прилеп значи да се качуваш на некоја мермерна скулптура затоа што во градот ја имаше најдобрата уметничка колонија за мермер и насекаде беа поставени скулптури од многу еминентни творци. Тие за мене беа нешто нормално, како дел од моето живеење.
На пример „Орото“ од Димо Тодоровски, кое се наоѓаше во центарот на градот, го гушкав и во мојата фантазија бев едно од децата што се вртат, играат на орото. Честите посети на „Могилата на непобедените“, дело на великанот Богдан Богдановиќ, за мене беше друг свет, влегував во една димензија што беше поразлична од таа во која живеев. За мене беше нормално да влегуваме на проби и претстави во театарот и да играме во дворот на црквата „Св. Благовештение“ за која подоцна научив дека поседува еден од најдобрите иконостаси. Опкружена со сето тоа, некако нормално стана да размислувам за уметноста, да ја чувствувам блиска и на крајот да се занимавам со неа.
Имавте ли резервен план? Некое друго поле на интерес?
– Резервен план во уметноста мислам дека не постои. Не постои малку ќе бидам друго, малку уметник. Моите родители сакаа да се запишам во гимназија, културолошка насока, за ако се премислам да имам и други опции. Но јас бев истрајна и никогаш не се покајав.
Кое ви беше првото уметничко дело? Го паметите ли чувството откако го завршивте?
– Сѐ што правев како мала од пластелин, на несвесно ниво, чисто детски, чувството на месење на пластелинот како се топи под детските раце го доживеав повторно кога со моите деца правевме фигури од пластелин. Потоа на факултет тоа се слики и цртежи во кои постојано наоѓав понекоја грешка. Првата моја сериозна самостојна изложба беше инсталацијата „Големото сино“ (1996) во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Во средишниот дел на галеријата изградив соба, која од внатрешната и надворешната страна ја обоив со ултраморнарска сина боја. На подот поставив дебели сунѓери обоени во сино, а внатре во просторот висеа тридимензионални слики/објекти. Посетителите со првото стапнување на сунѓерот ја губеа својата стабилност, влегуваа во свет на бои и сенки. Влегувањето во сино беше како да одиш од другата страна на огледалото. Тогаш почувствував возбуда, но и голема одговорност.
Ја сметате ли својата уметност за провокативна? Ако одговорот е да, што е целта, со каква намера провоцирате?
– Не можам да го кажам тоа за мојата уметност, мислам дека не провоцира, но на еден суптилен начин констатира, суптилно протестира. Моите дела се всушност мојот поглед за животот и смртта, за тивкото пропаѓање, но и пресоздавање. Делото „Предизвикувач“, кое е изложено во МСУ, можеби изгледа дека провоцира со тоа што женското тело го поставувам меѓу ножеви. Меѓутоа тоа кажува колку телото (жената) е истовремено ранливо и силно. Во делото „Мутанти“ (2017 г., цртежи на детски играчки и кукли) во кои ја користам косата заедно со цртежот, сакам да посочам на промените што му се случуваат на човекот. Јадеме генетски модифицирана храна, живееме во загадена средина, правиме генетски експерименти и полека се претвораме во мутанти. Исто така не провоцирав со делото „Засекогаш твоја Елвира“ (2001), туку само сакав да укажам дека трансвеститите се луѓе што живеат и кај нас, имаат право да го живеат нивниот живот без разлика дали тоа ѝ се допаѓа на заедницата или не. Треба да станеме потолерантни.
На изложбата во МСУ се изложени две ваши дела, за што станува збор?
– Во МСУ се изложени делата „Ахилова петица“ (1998) и „Предизвикувач“ (1999). Претставени се фотографии и видео од перформансот „Ахилова петица“, кој беше изведен во галеријата CIX во 1998 година. Перформансот се состоеше од гола жена што седи на стол за нишање, а врз нејзините гради се проектира видео на стапала што се движат напред-назад и создаваат чувство на придвижување на телото. Оваа галерија многу одамна била породилиште, а тоа го поврзав со детските нозе што се мрдаат во утробата на мајката. Но и еден друг говор на телото – меланхолијата. Нозете како трага, лузна што го потискаат женското тело. Нозете како точка на слабост. Отсекогаш сум фасцинирана од циркусот. Но тој за мене повеќе претставува тага отколку забава. „Голтачи на пламен“ (Виена, 1998) и „Предизвикувач“ (1999) се две дела во кои на некој начин цитирам циркуски теми. Во „Предизвикувач“ жената стои исправено, предизвикува и е отворена да ги прими или одбие сите надворешни вибрации, дразби и влијанија. Предизвикува со својата убавина, нежност, но подготвена е и да се брани. Звукот на удар на нож постојано прави немир меѓу публиката. Ножот како трага, болка, лузна, неможност и несакање да се прифати смртта. Ножот како фалус, како кастрација.
Дали ви е подраго кога вашите дела ќе завршат во приватни куќи или во галерии/музeи?
– Мислам дека ние уметниците со тешко срце се одвојуваме од сопствените дела. Нашиот пазар е мал, па не можам да кажам дека многу пати сум се одделила од некое од нив. Но еве сега едно од моите дела, кое се наоѓа во колекцијата на МСУ, го живее својот музејски живот. Во приватни збирки повеќе сум подарила и драго ми е кога делото е сакано од сопствениците и го живее животот во нивниот приватен простор.
Што мислите за пазарната вредност на уметничките дела, може ли навистина таа вредност да се измери со пари?
– На ова прашање ми е најтешко да дадам одговор. Кај нас тој пазар на вредност на уметнички дела не функционира. Особено за дела како што се: инсталација, видео, фотографија, сѐ што не ги задоволува критериумите на масовната култура тешко се продава, освен некои купувачи, кои би ги нарекла „луди“ љубители или колекционери. Во моментов нашите музеи, институции не располагаат со буџет за откуп на дела или ако го има, тоа се минорни средства. Во нашата земја работите се изместени додека во светски рамки тие се многу поинакви. Се надевам дека пазарот во Македонија ќе се смени и работите ќе одат на подобро. Конкретно, кога станува збор за мое дело, не можам да проценам колкава е неговата пазарна вредност.
Која е вашата уметничка
мисија во денешниот свет?
– Мојата мисија како уметник е да говорам преку моите дела, да истражувам, да водам дијалог со самата себе, непрестајно да се преиспитувам, да бидам незадоволна и да не се откажувам. И, само понекогаш да го почувствувам чувството на задоволство. Порано мислев дека имам многу време за работа, но сега сфаќам дека треба да се користи времето не толку за самопрезентација колку за создавање. Во последниве години уживам во цртањето, кое ми доаѓа како еден вид самодисциплинирање, искушување на мојата трпеливост и медитација.
Кој ви е најдрагиот коментар што сте го чуле за свое дело?
– Најчесто, до авторите допираат само позитивните коментари, а оние другите дискретно се кријат од нив. Еден од најубавите коментари на кој се сеќавам е од пред една година за време на самостојната изложба „Симулации“ (со Роберт Јанкуловски) во Музејот на современата уметност на Војводина во Нови Сад. При интервјуирањето новинарката изјави дека се чувствува како да присуствува на изложба на уметници дојдени од Њујорк, сакајќи да ја пофали изложбата.
Зошто ве привлекуваат старите фотографии?
– Опкружена сум со нив, живеам и работам меѓу нив во Македонскиот центар за фотографија. Сум работела на многу истражувања и поставки на изложби на стара фотографија, чиј автор е Роберт Јанкулоски. Многу е интересно да го гледаш животот во Македонија во минатото преку фотографии. Влегуваш во нечии животи и ја следиш нивната радост, но и нивната болка. Иако живеам опкружена со нив, само една фотографија ја имам земено како предлошка во делото „документ_дете“. Фотографијата „Дете со круша“ (1929), на фотографот-аматер Благоја Жежоски толку многу ме освои со својата надреалност и посебност. Тоа е тројна експозиција на фотографија на дете. Детето е прикажано во три различни позиции, на првата држи виљушка во раката, која ја подава кон централната позиција, каде што детето држи круша, и во третата позиција детето ја подава раката кон крушата. Делото „документ_дете“ е серија фотографии на одделението на мојот син. Сите 34 фотографии се снимени во тројна експозиција каде што децата во рака ја држат својата омилена играчка. Можеби звучи наивно, но ова дело е документ за едно детство и едно време, претставува портрет на детството. Кога размислувам за фотографијата сум многу емотивна, затоа што таа претставува момент, „мала смрт“ според Р. Барт. Моменти што биле и веќе не постојат. Фотографијата е како постојано умирање, но и како мумифицирање на времето.
На што работите во моментов?
– За неколку дена во Вршац, Србија се отвора изложбата „Лаб лајн“ каде што учествувам со мои дела. Исто така овој месец учествувам на колонија во Чачак, Србија, каде што ќе изработувам дело за Биеналето со наслов „Балканот – отворена книга“ што ќе се одржи следната година во Чачак. Во септември ќе изложувам во монтажна галерија на ЦАЦ во Скопје. Изложбата ќе се состои од цртежи и видеопроекција. Насловот е „Тивка деструкција“. Го земам цвеќето како симбол на мртвата природа и правам алегориско поместување, прикажувајќи го животот на цветот како живот на сите живи суштества. Почнувајќи од неговата младост, кокетност, убавина и неговото тивко пропаѓање, кое со себе носи друг вид убавина. Исто така подготвувам изложба за Националната галерија на Македонија во која ќе користам материјали како мермер, коса, цртеж и звук. Се надевам дека ќе имам енергија да ги реализирам моите идеи и планови во времето што следува.