Соочени со големите количества секаков вид отпад во спортско-рекреативниот центар Крушино, група млади ентузијасти и љубители на природата од Кичево викендов спроведоа екоакција за чистење на ѓубрето од овој локалитет, натрупувано со години. Нивната акција беше исклучително ефикасна, бидејќи само во еден ден беа собрани 15 големи пластични вреќи отпад.
– За да ја снема грдата слика за СРЦ „Крушино“, создадена од неодговорни граѓани, ние, група млади од Кичево, спроведовме еднодневна екоакција за собирање на отпадот од повеќе места на овој локалитет. Можеби и не бевме толку многубројни, но бевме многу сложни и работливи и, како резултат од нашиот ангажман, се и собраните 15 големи пластични вреќи секаков вид отпад. Со нашата акција придонесовме грдата слика за час да ја снема во овој спортско-рекреативен центар и дадовме придонес за една поинаква, поубава слика на овој објект. Очекуваме по нашите стапки да тргнат и другите граѓани на Кичево. Истовремено апелираме кај сите да се разбуди екосвеста, бидејќи само на тој начин ќе го зачуваме она што го имаме – ни рекоа Ана Пејовска и Ангела Мојсоска, екологисти и иницијатори на оваа акција.
Инаку, насобраното ѓубре со превозно средство на ЈКП „Комуналец“ беше подигнато од центарот и транспортирано на депонијата за комунален отпад.
Девојките најавија екоакции и на други локации во Кичевско, каде што има поголеми количества расфрлан отпад и каде што никој не се обидел да ја промени досегашната, грда слика.
– Акцијата што ја спроведовме во СРЦ „Крушино“ нема да биде единствена, бидејќи ние се заложивме за организирање вакви екоакции и на други локации во нашиот регион, каде што неодговорни граѓани неконтролирано фрлаат отпад. Пред сѐ тука предвид може да дојде Китино Кале, но и поширокиот регион кон Кнежинскиот манастир, како и крајбрежјето на Треска. Се надеваме дека во наредните екоакции ќе ни се придружат и поголем број граѓани, со што и обемот ќе биде значително поголем – посочија Ана и Ангела.
По нивните стапки треба да тргнат повеќе млади од градот, бидејќи како на идна членка на ЕУ, екологијата треба да биде еден од приоритетите на нашата земја. З.А.