Процесот на преговори околу спорот за името со Грција беше воден без создаден амбиент, авантуристички, манипулативно скриен од јавноста, без вистинска стратегија и со лажни пораки, поради што опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа постигнатиот договор. Тоа, меѓу другото, го пишува претседателот на оваа партија Христијан Мицкоски во одговорот на претходно добиеното писмо од помошник-државниот секретар на САД за Европа и за Евроазија, Вес Мичел.
– Во целиот тој период на преговори, детализирање и начинот на доаѓање до договорот ние како најголема политичка сила бевме исклучени, бевме надвор од процесот и не бевме консултирани. Ова го истакнувам од причина што ова решение, кое се дискутира, е решение што им припаѓа на субјектите на власт, и до истото тоа не е дојдено по пат на консензус, во период и време кога таков консензус се бара и од опозицијата – објаснува Мицкоски во писмото.
Во прилог на овие тврдења Мицкоски, меѓу другото, наведува дека убедливото мнозинство граѓани го отфрлија на референдумот со кој се менува Уставот за промена на уставното име на државата и се поништуваат сите стекнати права на Република Македонија како што се Резолуцијата на ОН за прием на Република Македонија од 1993 година, Привремената спогодба со Грција од 1995 година и хашката пресуда во полза на Македонија од 2011 година.