Борусија М. за 19 евра на своите навивачи им нуди „картон“ со нивниот лик на трибините, а нешто слично ќе може да добијат и гостинските на другиот крај од стадионот. За Бундес-лигата е развиена и апликација со која се создава навивачка бучава во домовите на корисниците и на стадионот, врз основа на реакциите на гледачите што ги гледаат мечевите од дома

ФУДБАЛ – УТРЕ ПРОДОЛЖУВА СЕЗОНАТА ВО ГЕРМАНИЈА

Кога Борусија Менхенгладбах се сретна со соседскиот Келн во првиот натпревар во германската фудбалска Бундес-лига пред празни трибини во март, дури и на судијата му недостигаше публиката.
– Фудбалот загуби половина од својата вредност и убавина – изјави Дениз Ајтекин, кој судеше на тој меч.
Оттогаш стана јасно дека фудбалот ќе мора да се игра зад затворени врати сѐ до сузбивањето на пандемијата на коронавирусот и дека ќе биде потребна одредена креативност за да се обезбеди малку подобра атмосфера на празните стадиони. Луѓето почнаа да развиваат идеи како да ја подобрат атмосферата на стадионите за време на натпреварите и сега останува да се види дали и како ќе бидат прифатени. Некои се досетија да направат картонски силуети со ликови на навивачите, постои и апликација што на навивачите им овозможува да влијаат врз обемот на бучавата на стадионите итн.

Бундес-лигата утре, како прва од најголемите европски лиги, ќе ја продолжи сезоната. Борусија Менхенгладбах за 19 евра на своите навивачи им нуди „картон“ со нивниот лик на трибините, а нешто слично ќе можат да добијат и навивачите на гостинските екипи на другиот крај од стадионот. Од клубот соопштија дека досега биле нарачани повеќе од 12.000 вакви „гледачи“.
Но за многумина вистинскиот проблем се недостигот од бучава и атмосферата со извици на играчите и на тренерскиот персонал што одекнуваат наоколу на празните арени. Тренерот на Келн, Маркус Гисдол, посочува дека сето тоа може да влијае и на доброто расположение.

– Сите покрај теренот беа малку пораздразливи од вообичаено, затоа што можеше да се слушне многу повеќе што се зборува на противничката клупа и што говорат меѓусебно – рече тој по мартовскиот натпревар во Менхенгладбах.
Една компанија со седиште во Минхен разви апликација што произведува навивачка бучава врз основа на реакциите на гледачите што ги гледаат натпреварите од дома. Тие што ќе ја преземат апликацијата наречена „Мој аплауз“ ќе можат да избираат за кој клуб да навиваат и кој натпревар да го гледаат и потоа добиваат четири опции: навивање, ракоплескање, пеење или свирење.

Апликацијата може да поддржува и до 350.000 корисници по натпревар, а во зависност од бројот на кликања и дистрибуција на звукот, се создава навивачка бучава во домовите на корисниците и на стадионот.
– Го тестиравме на два стадиона во Бундес-лигата, бевме во живо и сѐ се одвиваше навистина добро. Притискате копче и целиот стадион навива. Но многу луѓе треба да се согласат, играчите, судиите, па претпоставувам дека ќе се стартува без звуци на стадионите – изјави за „Ројтерс“ Виктор Мраз, еден од креаторите на апликацијата.

Мраз вели дека може да се пуштаат различни звуци на различни делови од стадионот и оти јачината на звукот е приспособена за да се создаде впечаток дека има навивање на домашните и на гостинските симпатизери.
– Песните на едниот тим доаѓаат преку левиот звучник, а песните на другиот преку десниот звучник, така што имате раздвојување на блокови како што обично има на стадионот – појаснува тој.

Последниот збор треба да го каже германската фудбалска лига, која најави дека е „силно против“ идејата за таков вид бучава.
– Нашите навивачи не можат да бидат заменети со ниту една виртуелна публика, затоа силно ги обесхрабруваме клубовите да користат вештачка навивачка врева. Не можеме да ги присилиме клубовите да не ја користат, но мислиме дека тие ја сфатија поентата – изјави за „Ројтерс“ портпаролката на Лигата.