Против Извиѓач ја гледам нашата шанса за прва победа сезонава, која позитивно ќе влијае на кревањето на самодовербата, што е многу значајно за нашата млада екипа. Ние сме благи фаворити и убеден сум дека ќе го запишеме првиот триумф, изјави Милан Лазаревски, пикерот на Металург
Ракометарите на Вардар, актуелниот првак во Регионалната лига (РЛ), денеска (20.15 ч., пренос МТВ) во СЦ „Јане Сандански“, ја пречекуваат романска Стеауа, а Металург утре (20.45 ч., пренос МТВ) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се сретне со Извиѓач (БиХ) во мечеви од 4. коло на РЛ.
Победата ќе биде императив и за Металург и за Извиѓач, со оглед на тоа што и двете запишаа по три порази по досегашните три кола.
– Извиѓач е нашиот следен противник, против кој се надевам дека ќе го запишеме нашиот прв позитивен резултат сезонава. Кај нас и понатаму повредите и кратката клупа се најголем проблем. Уште се неизвесни Томислав Јагуриновски и Мартин Велковски. Како и да е, се надеваме и посакуваме позитивен резултат, иако тоа не ни е во преден план. Наша цел е да создадеме македонски тим што за две-три години ќе може да донесе резултати – изјави Оливер Димитриоски, помошник-тренерот на Металург.
Во четирите одиграни меча сезонава, три во Регионалната лига и еден во Лигата на шампионите, младите металурзи покажаа дека имаат волја, желба и квалитет да се справат со многу поискусни и поквалитетни противници од себе, но само за едно полувреме. Мечот со Извиѓач е одлична можност таа граница да ја поместат и 60 минути да одиграат на максимално борбено и ефикасно ниво.
– Тактички сме добро подготвени, но физички и психички не издржуваме и тоа ни се случува на секој натпревар. Кратката клупа за нас е кобна на секој натпревар, но тоа не треба да ни биде оправдување. И покрај тешките околности, треба да направиме нешто повеќе и да покажеме дека вредиме. Против Извиѓач ја гледам нашата шанса за прва победа сезонава, победа што позитивно ќе влијае на кревањето на самодовербата, што е многу значајно за нашата млада екипа. Ние сме благи фаворити и убеден сум дека ќе го запишеме првиот триумф – изјави Милан Лазаревски (21), пикерот на Металург.
Двајца дебитанти во тимот на колото во ЛШ
Голманот на Вардар Дејан Милосављев со 15-те одбрани на дуелот со Монпелје беше најпријатното изненадување меѓу играчите во 1-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет. Бравурозната партија на голот на Вардар на Милосављев му донесе место во идеалниот тим на колото во ЛШ, а неговата тројна одбрана го доби првото место во изборот на ЕХФ. ЕХФ во тимот на колото ги стави и левото крило на Левен, Гудјон Валур Сигурдсон (шест гола), левиот бек Нико Ронеберг од Кокс (осум гола), централниот бек Сандро Обрановиќ од Мешков (седум гола), десниот бек Алекс Душебаев од Киелце (10 гола), десното крило Алекс Гомез од Барселона (11) и пикерот Јаник Колбахар од Левен (пет гола). Милосављев и Ронеберг се дебитанти во ЛШ. Та.Д.
Дојде време за реванш на Вардар против Стеауа
Вардар, Мешков и Нексе засега се водечки, со по девет бода, во ракометната Регионална лига. Досега Вардар и Стеауа само еднаш се сретнале, и тоа во четврт-финалето на Челинџ-купот во 2006 година, кога Вардар беше елиминиран за еден гол (дома победи со 35-31, а на гости загуби со 29-34). Стеауа (европски првак од 1968 и 1977 година) подоцна го освои тој куп, славејќи во финалето против Спортинг.
– Без разлика кој од нас ќе биде на теренот, најважно е да покажеме најдобра игра. Во претходните сезони немавме дуели со романски претставник, а од Стеауа досега видовме акции несвојствени за романскиот ракомет. Очекувам тежок натпревар, но ние во Скопје против секого играме на победа – вели Тимур Дибиров, левото вардарово крило. Г.И.