Најефикасни во победничкиот состав беа левиот бек Шпенде, со девет, и десното крило Токиќ, со седум гола
Ракометрите на Металург забележаа значајна победа на гостувањето кај Пелистер 41-37 (17-21), во рамките на 6-то коло од плејофот во домашното првенство. Металург грчевито го почна натпреварот и, слично како во првиот меч, му дозволи на Пелистер да го диктира темпото на игра, кое во 20-та минута резултира со солидна предност на домаќинот од 18-10.
Сепак, металурзите не дозволија изненадување, со тимска и борбена игра и со промена на одбранбената формација од 6-0 во 5-1 ја умртвија играта на битолчани, принудувајќи ги на грешки и избрзани шутеви. За десетина минути Металург ја преполови предноста на Пелистер (21-19), а во второто полувреме, предводен од Александер Шпенде во нападот и голманот Никола Данаиловски, наметна уште поофанзивно темпо, кое целосно го скрши отпорот на домашниот тим.
Најефикасен во победничкиот состав беше Шпенде со девет гола, а одлична поддршка имаше од десното крило Анте Токиќ, кој реализира седум погодоци.
По поразот од Металург, во Пелистер оставки поднесоа спортскиот директор Златко Димитровски и тренерот Јошко Петковиќ.
Со оваа победа Металург бодовно се изедначи со водечкиот Еурофарм (12), кој има натпревар помалку, а Вардар е на третата позиција, со девет бода и три меча помалку.
Металург во 7-то коло од плејоф-завршницата повторно ќе има уште едно тешко гостување во Битола, кај Еурофарм Работник (среда), а потоа следува завршницата на 27. Куп на Македонија, кој в петок и сабота ќе се игра во Куманово. Во полуфиналето, Металург за противник го има дебитантот Бутел, додека, пак, во второто полуфинале силите ќе си ги одмерат Вардар и Еурофарм Работник. Победниците ќе играат во финалето, а бранител на титулата е Вардар.