Меси најчесто изведува успешен дриблинг, и тоа на секои 19,2 минути игра, а Азар со 73-отстотна успешност е прв меѓу тие што барем 100 пати се обиделе да дриблаат во периодот од една година

Аргентинецот Лионел Меси е најдобар дриблер во Европа во минатите 365 дена, оти најчесто изведува успешен дриблинг, и тоа на секои 19,2 минути игра, покажа анализата на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС).

Фудбалерот на Барселона води на листата за најдобри дриблери од екипите во најсилните пет првенства во Европа (Англија, Франција, Шпанија, Германија и Италија). Во анализата влегле само фудбалерите што одиграле барем 1.800 минути за една година (1.500 за Бундес-лигата, оти таму има помалку мечеви во една сезона).

Зад Меси се Алан Сен Максимин од Ница, со дриблинг на секои 19,8 минути, и Еден Азар од Челси, со 21 минута. Петмина играчи што фудбалски израснале во Франција се наоѓаат на првите осум позиции: покрај Сен Максимин, уште и Наим Слити од Дижон, Осман Дембеле од Барселона, Маркус Тирам од Генгамп и Џеф Рен-Аделаид од Анжер.

Младиот англиски играч Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд со 24,1 минути е најдоброрангиран фудбалер од тие што играат во Бундес-лигата. Пауло Дибала од Јувентус, пак, со 29,9 минути го предводи рангирањето на фудбалерите од Серија А.
Белгискиот напаѓач Азар со 73 отсто е најуспешен меѓу играчите што се обиделе најмалку 100 пати да дриблаат во текот на разгледуваниот период (од 18 февруари лани до 17 февруари годинава).


НАЈДОБРИТЕ ДРИБЛЕРИ
Лионел Меси 19,2 67
Алан Сен Максимин 19,8 60
Еден Азар 21 73
Наим Слити 21,4 72
Осман Дембеле 21,7 63
Извор: ЦИЕС
во првата колона се минутите потребни за успешен дриблинг, а во втората процентот на успешност од вкупниот број обиди