Доколку сопственикот е екстровертен и сака да се дружи, исто така и неговата мачка повеќе ќе сака друштво и отворени простори
Честопати за домашните миленици и нивните сопственици се кажува дека меѓусебно се доста слични, а сега и истражувањата го потврдија тоа.
Нашиот карактер влијае врз сите наши односи и нашиот пристап кон животот, вклучувајќи го и начинот на кој се грижиме за животните. Како што е познато, досега начинот на воспитување на родителите, без оглед дали е авторитарен, попустлив или рамнодушен, може драстично да влијае врз личноста на детето, но не се знаело многу за тоа дали може нешто слично да се примени и врз воспитувањето на животните.
Токму ова прашање ги натерало Лорен Финк, Џонана Вард, Марк Фарнворт и Даниел Милс да се одлучат да спроведат истражување за тоа дали карактерот и начинот на живот на сопственикот влијаат врз карактерот на животните, затоа што луѓето, на некој начин, се нивни сурогат-родители. Како предмет на истражувањето, тие избрале домашна мачка.
Се следеле поврзаноста на карактеристиките и начинот на живот на сопственикот врз кои била изложена мачката со неговото однесување, а се земала предвид и расата на мачката, како и нејзината општа здравствена состојба.
Притоа акцентот бил ставен и на интеракцијата меѓу сопственикот и мачката, односно јазикот и вокабуларот што сопственикот го користи како секојдневна рутина. Студијата исто така се засновала и врз петте особини што испитаниците ги навеле во прашалници: екстровертност, отвореност, пристрасност, совесност и невротичност.
Резултатите од истражувањето направено врз три илјади испитаници покажеле дека одредена особина што е присутна кај сопственикот била забележана и кај неговата мачка.
На пример, кај испитаниците кај кои било откриено дека имаат невротични проблеми, исто такви проблеми се појавиле и во однесувањето на нивните мачки, како што се агресија или неконтролирано мокрење по дома, додека кај оние сопственици што се екстровертни се покажало дека на нивните мачки исто така им се допаѓа да поминуваат повеќе време на отворено и да се дружат со другите мачки и луѓе.
Сето ова истражувачите го поврзале со претходно аргументираната теза за влијанието на родителството врз развојот на личноста на децата, а отворило простор и за понатамошно истражување.
Ваквите нови откритија покажуваат дека врската на влијанието на старателот или, во овој случај, сопственикот на мачка, се протега далеку над човечките односи, но дава можност за подобар соживот помеѓу луѓето и мачките.
Бурманска мачка може да чуваат и луѓе алергични на мачки
Бурманската мачка е една од петте најпознати раси во светот. Познати се по својата прекрасно свиленкасто крзно, како и по тоа дека многу сакаат да се дружат и имаат висока интелигенција. Поради својата лојалност и мек карактер, оваа раса ги освои срцата на многу љубители на мачки.
Бурманските мачки се многу активни, дружељубиви, сакаат да си играат, а имаат интеракција и со другите миленици во домот, дури и со кучиња. Овие мачки љубезно ги третираат децата и се среќни да си играат со нив.
Тие се совршени миленици за семејство, енергични се по природа, а многу луѓе сметаат дека нивното мазно, сјајно крзно и жолтите очи се врв на елеганцијата. Оваа елегантно изградена мачка се карактеризира со тенки нозе, кратко влакно, мазно свиленкасто крзно, кое е многу лесно за одржување и не бара одење по салони за домашни миленици или секојдневно четкање.
Постојат два вида бурмански мачки: американска, која се карактеризира со компактно тело, тркалезна глава и очи, и европска, за која е карактеристично компактното, но потенко тело и специфична форма на очи, големи, но не целосно тркалезни.
Бидејќи е една од ретките раси што немаат подвлакна, нивното присуство е помалку вознемирувачко за луѓето што се алергични на влакна од мачки. Овие мачки се еластични, имаат добра здравствена состојба и имаат подолг животен век од повеќето раси. Тие можат да живеат и до 20 години, па дури и подолго.