„Граѓаните“ забележаa рекордни 32 победи, две повеќе од Челси лани, како и 18 победи во низа, од август до јануари 2017 година

Манчестер сити во шампионски стил, со триумф на гости над Саутемптон (1-0) ја заврши годинашната сезона во Премиер-лигата, уривајќи некои стари и поставувајќи нови рекорди.
Сити ја мина магичната граница од 100 поени, а рекордната спирала сезонава започна да се одмотува на 15 април, кога на пет кола до крајот беше обезбедена титулата со што Сити се израмни со градскиот ривал Манчестер јунајтед, кој во сезоната 2000/2001 исто така на пет кола до крајот стана шампион.

ПОБЕДИ: Сити забележа рекордни 32 победи сезонава, две повеќе од Челси, кој лани беше првак под водство на Антонио Конте. Сити го собори и рекордот на Тотенхем од 31 победа во сезоната 1961/1962 во тогашната Прва дивизија, но забележани на 42 првенствени меча (лигата броеше 22 тима). Нов рекорд се и 18-те победи во низа, од август до јануари 2017 г., дури пет повеќе од ланските 13 на Челси.
ПОБЕДИ НА ГОСТИ: „Граѓаните“ забележаа 16 победи на гости, една повеќе од Челси предводен од Жозе Мурињо, во сезоната 2004/2005.
БОДОВИ: Во сезоната 2004/2005, Челси освои 95 бода, рекорд што опстојуваше до оваа сезона, во која Сити стигна до фантастичната бројка од 100 бода. Колку е неверојатно ова остварување говори и податокот дека ниту една екипа во сите пет професионални лиги на Англија досега не освоила толку бодови.
БОДОВИ НА ГОСТИ: Сити половината бодови сезонава (50) ги освои на гостински терен, што е уште еден рекорд. Стариот рекорд на Челси од 48 бода беше од сезоната 2004/2005.

ГОЛОВИ: Годинава Сити постигна 106 гола, што е рекордна бројка, и надминување на 103-те гола на Челси под водство на менаџерот Карло Анчелоти од сезоната 2009/2010. Гол-разликата 106-27, или плус 79, е најголема во историјата на Премиер-лигата.
ПРЕДНОСТ ПРЕД ВИЦЕШАМ­ПИОНОТ: Второпласираниот, Манчестер јунајтед, освои 81 бод, 19 помалку од градскиот ривал, што е исто така најголема разлика во историјата на лигата. Претходно рекордни 18 бода предност имаше Манчестер јунајтед пред Арсенал (91-73) во сезоната 1999/2000.

Првпат 100 бода предводејќи еден клуб освои и Пеп Гвардиола, надминувајќи ги 99 бода на клупата на Барселона во сезоната 2009/2010.
– Не ми се верува, 100 бода. Такво нешто во една лига каква што е англиската Премиер е фантастично постигнување. Половината бодови ги освоиме дома, другата половина на гости. Тоа покажува колку бевме добри и стабилни целата сезона. Но најмногу од сѐ ме радува начинот на кој игравме и победувавме. Не се освојуваат 100 бода ако играте променливо и ако не сте максимално фокусирани на секој натпревар – задоволно изјави Пеп Гвардиола. 


Салах ги надмина Ширер, Роналдо и Суарез

Египќанецот Мохамед Салах, напаѓачот на Ливерпул, стрелецот на водечкиот гол на мечот против Брајтон (4-0), а 1.000-ти за „црвените“ во Премиер-лигата, сезонава ја заврши со рекордни 32 погодоци, надминувајќи ги на тој начин Алан Ширер, во дресот на Блекбурн од сезоната 1995/1996, Кристијано Роналдо од Манчестер јунајтед (2007/2008) и Луис Суарез, Ливерпул (2013/2014), кои постигнаа по 31 погодок. Два гола помалку од Салах, 30, даде Хари Кејн, напаѓачот на Тотенхем, првиот стрелец во лигата во претходните две сезони, а 11 помалку постигна Серхио Агуеро од Манчестер сити. Со 20 гола сезонава може да се пофали само уште Џејми Варди од Лестер.
Салах во дебитантската сезона во дресот на Ливерпул им даде гол повеќе на 17 премиерлигашки тима (освен на Манчестер јунајтед и на Свонси). Сезонава Салах постигна 44 гола на 51 меч, три помалку од клупскиот рекордер Иан Раш, кој во сезоната 1983/1984 даде 47 гола.
Покрај признанието за најдобар стрелец, Салах беше прогласен и за најдобар фудбалер во оваа сезона, во изборот на колегите фудбалери, како и во изборот на фудбалските новинари на Англија.


Барди и Леванте го урнаа сонот на Барселона

Барселона не успеа да влезе во историјата на шпанската Ла лига како прв непоразен тим во една сезона. Во претпоследното коло Барселона го загуби првиот меч, на гостувањето против Леванте 4-5 без првиот играч во тимот, Лионел Меси, кој доби поштеда од тренерот Ернесто Валверде.
Во отсуство на Меси, во тимот на Леванте, кој, пак, ја забележа петтата победа на последните шест меча, блескаше македонскиот интернационалец Енис Барди, кој постигна два гола, вкупно девет првенствени сезонава.
Со тој пораз Барселона ја пропушти ретката можност да им се придружи на непобедливите тимови на Арсенал од сезоната 2003/2004 со менаџерот Арсен Венгер, на Милан од 1991/1992 со Фабио Капело и на Јувентус од сезоната 2011/2012 со Антонио Конте, кои до шампионските титули стигнуваа без ниеден пораз.
Во историјата на германската Бундес-лига не се случило некој тим да биде непоразен цела сезона.


Седма титула во низа за Јуве

На едно коло до крајот во италијанската Серија А, по ремито без голови со Рома, Јувентус ја обезбеди седмата шампионска титула по ред, вкупно 34-та во богатата клупска историја. Пред неколку дена Јувентус го освои и Купот на Италија (13-ти пат), што беше четврта двојна круна за тренерот на „старата дама“, Масимилијано Алегри, откако е на оваа функција од 2014/2015 досега.
Претходните три шампионски титули, во 2012, 2013 и во 2014 година, Јувентус ги освои со тренерот Антонио Конте, сегашниот менаџер на Челси.