Ангела Меркел можеби му ја предаде круната на францускиот претседател, но ниту таа ниту Емануел Макрон не можат да го заменат Доналд Трамп
Питер Раф
Неколку дена пред францускиот претседател Емануел Макрон да замине во државна посета на САД, списанието „Политико“ објави долга статија со наслов: „Како Емануел Макрон стана новиот лидер на слободниот свет“. Само пред неколку години, вакви атрактивни наслови беа објавени и пред посетата на германската канцеларка Ангела Меркел во Вашингтон. Во 2015 година на пример, „Тајм“ ја круниса за „канцеларка на слободниот свет“ затоа што успеа да се справи со сириската бегалска криза што Германците лани во септември ги чинеше со едни од најлошите изборни резултати за нејзината партија по 1949 година.
Од последните здружени напади на САД, Британија и Франција во Сирија, наводно врз објекти за производство на хемиско оружје на претседателот Башар ал Асад, кои Германија само усно ги поддржа, беше јасно дека Меркел нема да ја прифати улогата што ѝ беше доделена. За разлика од неа, Макрон покажа одредена сила, амбиција и храброст во одбрана на либералниот интернационализам што ги маѓепса западните елити, со тоа што ја турна Меркел во сенка каде што таа отсекогаш се чувствуваше поудобно.
Но исто како Меркел, Макрон ќе се покаже дека не е способен целосно да го преземе западното лидерство. Французинот можеби е смел либерал што има големи идеи за Западот, но му недостига еден предуслов што набљудувачите често го занемаруваат, а тоа е вистинска моќ.
Лидерот на слободниот свет мора еднакво да поседува моќ да успее и да донесува одлуки. За жал, ниту Берлин и ниту Париз не ги поседуваат двете. Германија е светска економска сила, која ја прогонува историјата од 20 век, додека Франција е среден регионален играч кого го прогонува духот на старата империја. За Макрон, ова значи подготвување на теренот за неговата надворешна политика, со тоа што францускиот претседател постојано работи на тоа да позајми моќ за неговата визија во Европа од Германија и од САД за Блискиот Исток. Во многу наврати, Макрон напорно работеше за да им ласка, да ги заведува, да ги притиска и да ги убеди своите германски и американски колеги да ја прифатат неговата волја. Досега се покажа како делумно успешен.
Во април, Макрон отпатува во Берлин за да ги продаде реформите за еврозоната, кои ги изработи на „Сорбона“ пред седум месеци и неодамна во Стразбур. Суштината на неговата порака беше јасна, а тоа е дека еврозоната се движи по работ на една голема бездна. Или ќе оди напред кон една паневропска иднина или ќе се врати назад кон националистичките корени и тоа за многу кратко време. Приоритетите на Макрон се јасни, а тоа е дека Франција и Германија мора да го водат континентот кон европската солидарност. Како посветен Европеец, тој смета дека национализмот е опасно зло.
На Макрон може да му се прости за оптимизмот. Во Берлин, Меркел го прими во зградата на форумот Хумболт, кој всушност е музеј во кој „посетителите можат да дознаат како се поврзани нештата меѓу себе во светот“. Тој ќе биде сместен во реконструираната Берлинска палата, која прикажува многу од германските трагедии од 20 век. Во 1914 година, кајзерот Вилхелм Втори прогласи војна од терасата, потоа во 1940-тите, здружените сили ја бомбардираа палатата заедно со другиот дел од Берлин, а во 1950-тите, комунистите од Источна Германија ја урнаа зградата за две децении подоцна да го изградат грандиозниот парламент на Источна Германија. Неговата нова намена како Ода за интернационализмот беше изградена врз темелите на отфрлањето на милитаризмот, тоталитаризмот и изолацизмот во современа Германија.
Но ако одблиску се разгледа политичката сцена на Германија ќе се открие дека национализмот се крие во заднината. Низ годините, Берлин ја насочи својата енергија да стане извозна суперсила, преземајќи ја контролата врз монетарната унија и со нејзиниот голем капацитет да стане индустриски центар на Европа. Како многу богата земја, таа ги презира развратот и задолжувањето на нејзините јужни соседи, поточно економиите што се распаднаа. За многу Германци, предлозите на Макрон за европска солидарност се еден еуфемизам за унија на трансфери испреплетена со морална опасност. Наместо паневропска унија, богатите германски даночни обврзници гледаат само еден огромен медитерански долг.
И онака веќе со тешки последици од ланските избори во септември, Демохристијанската унија на Меркел (ЦДУ) веќе отфрли секакви далекосежни реформи за еврозоната. Анегрет Крамп-Каренбауер, новата генерална секретарка на партијата, го увери своето членство минатиот месец, дека пристапот на Германија кон ЕУ е „секогаш да ги зачува германските интереси“. Германија попрво ќе ризикува еврозоната да пропадне в бездна отколку да се откаже од својата поволна позиција. Засега целта на Берлин е да ги полни џебовите и да ја зачува позицијата.
Преку Атлантикот, Макрон се соочува со еднакво тешка задача. Ако во Берлин сакаше да ја искористи историската обврска на Германија кон Европа, во САД бараше силни сојузници за Блискиот Исток. Во 1920-тите, кога Друштвото на народите ѝ даде мандат на Франција во Сирија и Либан, таа стана клучен играч во Левантот. Денес, таа има намалена, но сè уште важна позиција во регионот. Во 2005 година, на пример, претседателите Жак Ширак и Џорџ В. Буш заеднички го притискаа Дамаск да ги повлече своите сили од Либан. Лани во ноември, Макрон го олесни враќањето во Бејрут на либанскиот премиер Саад Харири, кој поднесе оставка под притисок додека беше во посета на Саудиска Арабија.
Во секој случај за главните прашања во регионот, Франција не е таа што ја има главната улога за да одлучува, туку САД. За разлика од Германија, поради нејзината одлучност за употреба на воената моќ, таа има поголемо влијание во Вашингтон за блискоисточните односи. На пример во интервјуто за Фокс њуз, Макрон го искористи кредибилитетот што го доби со учеството во нападот на Асад за да ги убеди Американците да останат во Сирија. Пред да ја нагласи „многу важната улога“ на Франција, тој тврдеше дека „откако сè ќе заврши мора да ја изградат новата Сирија и токму затоа смета дека се важни САД во тој процес“. На неговиот состанок со Макрон во Вашингтон, Трамп изјави дека иако тој „би сакал да се повлече“ од Сирија, Макрон ја нагласи важноста да се спречи Иран да „се сврти кон Медитеранот“.
Слично на тоа, пофлексибилниот пристап на Франција кон иранскиот нуклеарен договор, кои германските лидери го сметаат во крајна линија свет, му овозможи на Париз да дејствува како врска меѓу Европа и САД кои се сомневаат во договорот. За разлика од Берлин, кој не го сметаше рокот од 12 мај за крајна точка, Макрон смета дека нуклеарниот договор е една карактеристика за поширока борба за моќ на Блискиот Исток. Поради ова, тој е играч што може да понуди нови иницијативи.
Макрон е пресметлив и дури ладнокрвно го прави тоа. Тој има несентиментална мотивација да искористи кого било за да ја оствари својата визија за либералниот интернационализам и француската грандиозност. Секако, тоа што тој зависи од Берлин и од Вашингтон секогаш ќе се смета за слабост во неговата замисла. Тој никогаш нема да може да го замени американскиот претседател како лидер на слободниот свет. Но тој се врати во Париз со знаењето дека неговата стратегија за вклучување го направи најмоќниот европски соговорник на Трамп. За Меркел, која пристигна во Вашингтон еден ден подоцна, исходот беше помалку пријатен.
Авторот е бивш директор за истражување во кабинетот на Џорџ Буш